Свет
14. November 2015 - 10:07

Мал чекор

Шпигел - Хамбург

„Ова е најдобрата Германија до сега‟, изјави минатата година Јоаким Гаук и стана омилен претседател. Разубавувањето на реалноста е последица на истата потреба која ги покренува идеите за „крај на историјата‟, дека конечно се е во ред.

Но, ние знаеме дека историјата нема крај, напротив: еден период од германската историја се враќа токму сега – фашизмот. Разочарувањето, омразата и насилствата ја преплавија дневната политика. Либералната јавност се гади од десничарите и ги смета за идиоти. Во тек е ламент над сломот на граѓанската култура и отсуство на дијалог. За тоа го обвинуваме интернетот и лошото образование, но тоа се симптоми, а не причини. За нив не се зборува, бидејќи сме заборавиле или не се осудуваме да мислиме за социо-економски поими.

Ако навистина мислите дека омразата доаѓа од интернетот, поради лошото образование или премногу гледање телевизија, прочитајте го текстот на социологот Ханс Буде, кој во почетокот на септември го напиша за Франкфуртер Алемајне Цајтунг. Тој ја опишува новата општествена класа – услужен пролетеријат, луѓе кои пакуваат пакети, работат како доставувачи, чистат куќи и возови, пополнуваат рафтови во супермаркети; работат по 40 до 50 часа неделно за 800 до 1.100 евра. Тие во Германија се 10 до 12 отсто вработени, некаде 5 до 6 милиони луѓе. Нивната работа е да го олеснат животот на учесниците на глобализирањето на економијата, иако самите се надвор од тој процес. Стотици илјади бегалци кои се слеваат во Германија, за нив се реална закана, резерва армија на луѓе кои се подготвени да ги заменат.

Буде понатаму пишува за „огорчените‟, луѓе кои „наспроти доброто образование и високата посветеност на работата, работат во лоши услови‟. Тие се незадоволни од својот „несигурен животен стандард и вработувањето‟ и реално се загрозени. Тие се исто така околу 10 отсто и заедно со новата пониска класа, услужниот пролетеријат, чинат 10 милиони припадници на „коалицијата на стравот‟. Буде вели: „Работите стануваат сериозни кога услужниот пролетеријат и несигурно вработените ќе се здружат во својата недоверба во системот‟.

Во нашето време на големо само-оптимизирање, тие луѓе заклучуваат дека за нив нема идна оптимизација и дека не може да им биде подобро. Тие ги знаат општествените стандарди на вреднување и ги прифаќаат своите лоши оценки. Тоа е суштината на неолибералната демократија: човекот е сведен на homo economicus. Достоинството, слободата и правдата повеќе не значат ништо. Неолиберализмот се наметна како природна законитост, објективен разум. Тоа е тоталитарна идеологија која бара и го зема целиот човек. Кога тука ќе потфрлите, готови сте.

На губитниците на овој систем не важи повикување на одговорност, устав и милост, бидејќи тој ги негира сите вредности надвор од економските, не познава поими за општо добро и ја укинува потребата за материјална благосостојба, не останува ништо. А од ништо до фашизмот, мал е чекорот, на кој се одлучуваат се повеќе луѓе во Дрезден и другите градови. Либералниот дел од јавноста, вознемирен поради десничарските испади, за тоа не сака да размислува, бидејќи би морале да признаат дека победата на неолиберализмот и слабоста на левите и либерални политики укажуваат на, како што вели американскиот политиколог Венди Браун: „потисната и иако сеприсутна исцрпеност и очај на западната култура‟. Ја изгубивме вербата во подобар свет.