Македонија
16. December 2025 - 16:35

Министерството за здравство и ОЈО ќе проверуваат дали несоодветно лекување е причина за смртта на новороденче на ГАК

Министерството за здарвство и ОЈО Скопје ќе испитуваат дали несоодветно лекување од страна на дежурниот педијатар на ГАК е причина за смртта на новороденче, родено со царски рез во 36-та гестациска недела. 

Настанот кој се случил на 1 октомври како што објави “Слободен печат” според документи од свиркачи кај директорката на Клиниката го пријавила началничката на одделот за интензивна нега со образложение дека нејзината колешка предизвикала компликации кај бебето старо 3 дена. Го реинтубирала дури 20 минути, многу повеќе од предвидените протоколи и притоа му било распарчено грлото. За ова сведочеле 2 специјализантки, но за целата ситуација не му било кажано на семејството.

За утврдување на околностите и расветлување на случајот министерот Азир Алиу иницираше вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор.

- Во овие тешки моменти за семејството, замолуваме да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход, со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста, соопштија од здравство.

- Основното јавно обвинителство Скопје во координација со СВР Скопје оформи предмет врз основа на јавно објавените информации и ќе бидат преземени сите дејствија за проверка на настанот, информираат од Обвинителството.

Директорката на ГАК вели дека ги презела сите потребни мерки и по пријавата за случајот од страна на началничката веднаш било постапено.

- Клиниката за Гинекологија и акушерство има законски пропишан протокол кој го следи во случај на смрт на новородено бебе. Протоколот предвидува разгледување на случајот на комисијата за квалитет, која во овој случај нема утврдено пропуст во третманот на новороденото. Следниот чекор е законски пропишана обдукција која во овој случај не е сеуште готова, па согласно тоа не може да се дојде до финален заклучок дали постоело или не пропуст во лекувањето на новороденчето, изјави проф.д-р Ирена Алексиоска Папестиев, директорка на ГАК

Од опозициската СДСМ на прес конференција пред ГАК бараат оставка од директорката на Клиниката поради како што велат прикривање и молк за смрт на бебе.

- Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого.Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството.Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, рече Елена Радеска, Комисија за здравство СДСМ.

Реагираа од ВМРО ДПМНЕ. Преку преку соопштение повикаа СДС да не го злоупотребува случајот со новороденчето за дневнополитички поени. 

- Она што е јасно како бел ден е дека сите неопходни протоколи се преземени и сите надлежни институции се известени. И доколку се утврди било каква човечка грешка истите ќе бидат отстранети и ќе има одговорност за причинителите за несреќата. Ниту ќе биде сокриен некој, ниту овој случај ќе биде заташкан како многу претходно кога Филипче беше министер за здравство, стои во реакцијата од владејачката партија.

Два и пол месеци по смртта обдукцијата врз новороденчето не е готова, бидејќи во земјава има многу малку патолози и за вакви резулатти се чека долго време.

Инаку  бебето по раѓањето било сместено на интензивна нега поради респираторен дистрес, а во критичниот период пред да почине бил повикан и детски хирург за да постави дрен.