Свет
14. July 2017 - 15:25

Макрон: Франција денеска ги чествува слободата и еднаковста

На 14 јули ние ја прославуваме Франција, го чествуваме она што не обединува и ги славиме апсолутниот вкус на она што се вика слобода и амбицијата да му се даде секому шансата што ја нарекуваме еднаквост, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во кусото обраќање до нацијата по завршувањето на воената парада по повод Националниот празник на Франција - Денот на Бастиља.

- Историјата на Франција не започна на 14 јули, но на овој ден народот покажа кои идеали сака да ги следи. Секогаш, во текот на нашата историја, ние ја покажавме нашата љубов кон татковината, додаде Макрон, кој на оваа воена парада првпат шрисуствуваше во својство на претседател на Франција.

Како што јави дописникот на МИА од Париз, Макрон притоа го поздрави и присуство на парадата на американскиот претседател Доналд Трамп и на неговата сопруга, што според него е знак на долгогодишното пријателство.

Трамп и Макрон

- Сакам овде да им се заблагодарам на САД за изборот што го направија пред сто години, рече Макрон.

Годинава, Трамп беше почесниот гостин на националната свеченост повод стогодишнината од влегувањето на САД во Првата светска војна. По тој повод на денешната парада во Париз дефилираа и американски војници и авиони, предводени од неколку американски војници облечени во униформи на Армијата на САД од Првата светска војна.

Во својот краток говор, Макрон ги поздрави „мажите и жените кои избраа да се ангажираат за да живеат и надвладеат правата“.

- Овие мажи и жени се нашите полицајци, пожарникари, нашите жандарми, сите тие кои не штитат. Тие дефилираат денеска бидејќи тие се армијата на слободата и правата. Сакам да им се заблагодарам, рече Макрон.

Една година по нападите во Ница од 14 јули 2016 година, Макорн се осврна и на жртвите од тероризмот.

Париз Парада 2

- Републиката ги штити свои деца. Таа ги заштитуваше децата на депортираните, а од неодамна и децата на жртвите на тероризмот. Тоа се сираците на нацијата, тие се пред мене и им испраќам топли поздрави, рече Макрон.

Францускиот претседател попладнево ќе отпатува во Ница, каде ќе се одржи комеморација по повод ланскиот терориситчки напад во кој загинаа 86 лица.