Спорт плус
5. November 2016 - 17:50

Македонки се искачија на врвот Мера Пик на Хималаите

Денес, во просториите на Агенцијата за млади и спорт, Директорот Марјан Спасески организираше прием за Првата македонска женска хималајска експедиција која го освои Мера Пик 6476 метри надморска височина-Непал. 
Првата македонска женска хималајска експедиција која ја сочинуваат Маја Бошкоска –водич, Александра Герасимова и Ана Грбиќ ги споделија своите искуства на приемот во Агенцијата за млади и спорт. Маја, Ана и Александра ја информираа јавноста за начинот на освојување на врвот,која експедиција започна со искчување на 3 Октомври и траеше до 20 Октомври. Врвот беше освоен на 10 Октомври во 11.00 часот по што спуштањето започна од спротивната страна од самото искачување доаѓајќи во подножјето на Монт Еверест.
Директорот Марјан Спасески им го честиташе успехот и истакна дека во иднина очекува голем број млади алпинисти и планинари да го следат овој голем подвиг.
“Упатувам честитки за херојскиот подвиг на нашите девојки кои станаа првата македонска женска хималајска експедиција-Мера Пик 6476м-Непал која се искачи претставувајќи ја државата. Агенцијата за млади и спорт беше во постојан контакт со девојките во текот на целата експедиција преку федерацијата. Преку овој амбициозен потфат учесниците на оваа експедиција најдоа начин да ги сплотат во едно нивната неизмерна љубов кон планината и природата од една страна и силната желба на најубав можен начин да ја рекламираат својата земја - развиорувајќи го македонското знаме на највисокиот планински масив во светот. Очекувам во наредниот период голем број млади и планинари да ги следат чекорите на овие девојки кои преку нивниот личен подвиг придонесуваат во промоцијата на Република Македонија во меѓународни рамки, но и во афирмација на спортот, воопшто.”- заврши Спасески. 
Женската експедиција се заблагодари за поддршката од страна на Агенцијата за млади и спорт и истакнаа дека тоа за нив бил личен предизвик кој успеале да го реализираат со голема љубов за својата држава и граѓаните на Македонија и додадоа дека ваквиот македонски тимски успех е од огромно значење за успешна промоција на македонското планинарство и голема инспирација за уште многу вакви подвизи.
Агенцијата за млади и спорт го помогна овој голем историски подвиг со финансиска поддршка во вредност од 300.000,00 денари.