Обвинение за членови на група за проституција и дрога, вмешан и полицаец
Тројца признале вина, а десетмина правда ќе бараат пред суд. Членови на криминална група од Тетово и Охрид заработија обвинение за проституција и продажба на дрога.
Обвинителството за гонење криминал и корупција во соработка со полицијата, во октомври лани ја разоткри злосторничката група која тргувала со дрога и стриптизети за угостителски објекти во Тетово и Охрид. Уапсени беа и двајца полицајци
Тие имале задача да алармираат при полициски акции и да влијаат при изрекување казни за другите членови од групата или стриптиз девојките. Во текот на истрагата, еден признал вина и се спогодил со обвинителството.
„Службеното лице е осудено на казна затвор во траење од 1 година и 8 месеци за сторени кривични дела Злосторничко здружување и Оддавање службена тајна“, информира обвинителството.
Спогодби со затворски казни направиле уште двајца обвинети. Еден е осуден на 2 години и три месеци, а другиот ќе треба да отслужи затвор од една година и 8 месеци. Останатите десетмина пред суд ќе докажуваат невиност. Стартот на судењето го чекаат во притвор. Обвинителството ги товари за повеќе кривични дела како посредување во вршење проституција, перење пари, производство и продажба наркотични дроги. Се бара и одземање на вреден имот.
„Во постапката се определени мерки кон вреден недвижен имот во Тетово и Гостивар, вреден подвижен имот – возила, накит и часовници од значителна вредност, како и парични средства и други предмети што потекнуваат и се принос од кривичните дела“, објаснува Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Криминалната група работела цели четири години. Лидер бил 35 годишник од Боговиње, а другите членови набавувале дрога и регрутирале стриптиз девојки од странство за ноќни клубови во Жеровјане, Седларце и Охрид.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар