Македонија
13. May 2018 - 12:22

„Магнум опус“ - изложба на дизајнирани скулптури во форма на лименка

Ликови од различни епохи - фараони, мислители, актери и музичари, насликани  на скулптури од метал во форма на лименка се претставени на изложбата „Магнум опус“ во Центарот за современа уметност АРТ Скопје.

Изложбата е заеднички проект на тројца слободни уметници - Гордана Винчиќ, Игор Љубовчевски и Владо Костов. Тие направија повеќе од 20 специјално изработени и дизајнирани скулптури во форма на лименка, на кои се насликани: Тутанкамон, Клеопатра, Бетовен, Никола Тесла, Алберт Ајнштајн, Брижит Бардо, Грејс Кели, Ингрид Бергман, Вивиен Ли...

Склуптурите се високи 60 сантиметри, со пречник од 30 сантиметри и тешки три килограми. Користен е индустриски метал, акрил, туш и комбинирана техника. 

- Ликовите на скулптурите не поведуваат во интересен времеплов што го одбележале големи магови, бардови, херои и хероини што оставиле трага во историјата, филмот, поезијата, музиката и науката. Секој од нас тројцата автори на проектот му пристапи со својот креативен сензибилитет - Владо Костов е познат со своите скулптури изработени од рециклирано железо и ги изработи лименките,  Игор Љубовчевски ги наслика портретите во поп-арт манири, а јас се погрижив за нарацијата и концептот преку симболиката и колоритот, изјави за МИА Гордана Винчиќ, една од тројцата автори на изложбата. 

Со Игор Љубовчевски таа и претходно има соработувано на проекти, и нивните дела биле претставувани на изложби во земјава и во странство. Овојпат, вели, интересно е што тројца уметници учествуваат на исто дело.

Магнум лименка 1

Покрај колоритот, симболиката и нарацијата, изложбата, според нејзните автори, има цел и да ја поттикне свеста на современиот човек за етичноста кон рециклирањето. 

- Најинтересна форма за трансформација на металот беше сеприсутната,  нам глобално познатата лименка, чиј „татко“ бил Петер Дуранд во 18 век. Трудот, вештината и имагинацијата кои ги вложиле  за да го пронајдат рецептот бил наречен „магнум опус“. Избраните ликови, претставени на скулптурите, се ликови кои низ историјата барајќи го својот магнум опус оставиле трага во трезорот на цивилизацијата, наведуваат уметниците во каталогот за изложбата која беше отворена во петокот и може да се посети до 11 јули.