Свет
22. November 2015 - 11:25

Лидерите на АСЕАН ја потпишаа декларацијата за почеток на функционирање како политичко-економска заедница

Шефовите на држави и влади на десетте држави од југоисточна Азија денеска во Куала Лумпур, Малезија,  ја потпишаа Декларацијата со која започнуваат реалните потези за функционирање на АСЕАН како политичка и економска заедница. Во регионот со над 620 милиони жители, во две етапи, до 2.020 и до 2.025 треба да се создадат услови за заедништво на економски, општествено-почитички и безбедносен план.

АСЕАН е групација во која членуваат Малезија, Брунеи, Индонезија,Сингапур, Филипините, Тајланд, Лаос, Мјанмар, Камбоџа и Виетнам. На ова подрачје во последниве 15 години се остварува забрзан развој, а со планираните вложувања, во енергетиката и инфраструктурата, кои ќе надминат 600 милијарди подрачјето ќе остварува вкупен БДП од над 5.000 милијарди долари.

На свеченото потпишување присуствуваа премиерите на Кина, Јапонија, Австралија и Нов Зеланд. На првиот ден на Самитот на АСЕАН, вчера, учествуваа и американскиот претседател Обама и Рускиот премиер Медведев.

Поради заканите за терористички напади на локалните исламски радикали и заканите од ИД, учесниците на Самитпт во Куала Лумпур ги обезбедуваа над 10.000 полицајци и 4.500 војници.