Бизнис
28. July 2017 - 14:39

Кузмановска: Извештајот за ребалансот на Буџетот не е доставен до мене

Претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет Лилјана Кузмановска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, денеска обвини дека до неа не е доставен Извештајот за работата на Комисијата за ребалансот за Буџетот за  има обврска да го потпише и единствено таа одговара за неговата веродостојност. Како апсолутна невистина го отфрли тврдењето на претседателот на Парламентот Талат Џафери дека одбила да го потпише Извештајот. 

- Комисијата за финансирање и буџет заврши со работа на една минута до дваесет и четири часот и јас до денес, таков извештај немам добиено. Кога ќе добијам таков извештај, ќе го разгледам и кога ќе бидат вклучени сите дискусии и она што е многу важно како дебата од десетдневната расправа јас без никаков проблем ќе го потпишам тој извештај, изјави Кузмановска. 

Она што загрижува, според неа, е дека во текот на ноќта е испратен Извештај потпишан од членови и заменици-членови од СДСМ.

- Тоа е грубо кршење на Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија. Може да кажам дека она што како информација го слушнав од Талат Џафери е дека претседателот на Комисијата за финансирање и буџет не сакал да го потпише овој извештај. Тоа е апсолутна невистина, истакна Кузмановска.

Потенцира дека во Собранието првпат се случува Законодавно-правната комисија без општа и амандманска расправа да поднесе Извештај, кој е надвор од Деловникот за работа.