Македонија
29. April 2025 - 16:50

Кос: Македонија е тажна приказна на Балканот која предолго чека влез во ЕУ

Македонија е една од трите тажни приказни на Балканот кои предолго чекаат членство во Европската унија. Еврокомескараката за проширување Марта Кос во интервју за Радио Слободна Европа, Македонија ја посочува како пример за фрустрација во процесот на интеграција во европското семејство.

-Косово е тажна приказна затоа што не може да тргне понатаму. Втора тажна приказна е Македонија. Знаете, кога со Украина би чекале онолку колку што со Македонија чека на почеток на преговорите, Украина тогаш би почнала со преговори 2045 година. Тука е секако и Босна и Херцеговина.“ изјави Кос.

Од земјите од регионот, Кос ги посочува Црна Гора и Албанија како земји кои се најблиску до членство во Унијата, а нивната цел би можела да биде исполнета до крајот на мандатот на оваа европска комисија.   

-Би можеле да го направиме тоа со Црна Гора. Сите поглавја се отворени, па затоа ги затвораме за да можеме да го завршиме процесот на крајот на 2026 година од техничка гледна точка. Со Албанија, би можеле да го завршиме процесот од техничка гледна точка до крајот на 2027 година. Зошто велам од техничка гледна точка? Бидејќи станува збор за постапка на преговори, а земјите кандидати мора да спроведат реформи, но потоа на земјите-членки е да одлучат дали ќе станат членки или не, вели Кос.

Покрај охрабрувачките пораки, сепак Кос засега нема планирана посета на Македонија. По посетата на Црна Гора на почетокот на годинава и на Бугарија пред 10тина дена, таа од денеска е во Србија на средби со лидерите и на власта и на опозицијата.