Свет
16. April 2025 - 13:20

Козметички препарати и играчки најбројни меѓу штетните производи во Европа

Европската комисија денеска го објави својот годишен извештај во рамки на Системот за брзо предупредување за опасните непрехранбени производи „Безбедносна порта“ за 2024 година, кој покажува дека лани биле регистрирани 4.137 вакви стоки, што е највисока бројка од лансирањето на системот во 2003 година.

При презентацијата на извештајот еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт истакна дека системот „Безбедносна порта“ и овозможува на ЕУ брзо да се справи со ризиците што ги носат опасните стоки.

Од година во година, Комисијата ги зајакнува и модернизира своите алатки за да се осигура дека производите што влегуваат во нашите домови се безбедни, истакна Мекрат, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи со ова следење со цел да не се остават „црни точки“ во надзорот.

Според Извештајот, најголем дел од пријавените производи кои претставуваат ризици по здравјето на потрошувачите или 36 отсто отпаѓа на козметички препарати, по што следуваат играчките со 15 проценти, електричните апарати со 10, моторните возила со девет и хемиските продукти со шест отсто.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, речиси во половина од регистрираните штетни производи е откриено присуство на хемиски состојки и опасни хемикалии, како кадмиум, никел и олово во накитот, алергени аромати во маслата или синтетички хемикалии за омекнување на алиштата.

Во речиси 97 отсто од пријавените козметички производи е утврдено присуство на бутилфенил метилпропион (BMHCA), забранет синтетички аромат кој може да предизвика оштетувања на репродуктивниот систем на луѓето или иритација на кожата.

Врз основа на пријавите доставени до системот „Безбедносна порта“ во текот на минатата година соодветните органи за контрола на пазарот издале наредби за прекин или за повлекување од продажба на над 4.200 производи.

Во Извештајот се посочува дека „Безбедносната порта“ се повеќе се користи за алармирање за опасни непрехранбени производи кои претставуваат потенцијална закана за безбедноста на европските потрошувачи, што е доказ за растечките ефикасност и доверба во системот.

Документот, исто така, содржи и преглед на активности преземени од националните власти на земјите членки на ЕУ, како и на Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, за да се намалат штетите по потрошувачите и да се запре продажбата на опасни производи.

Системот „Безбедносна порта“ им овозможува на земјите од ЕУ и од Европската економска област (ЕЕА) да алармираат и да преземаат мерки против опасните непрехранбени производи, предупредувајќи ги другите држави да преземат брза акција. Станува збор за производи чие користење може да предизвика ризици по здравјето и безбедноста на луѓето, како што се гушење, задушување и оштетувања на слухот или видот, како и ризиците по животната средина, енергетските ресурси и имотот.