Ковид пандемијата во помирен период, од есен подготовки за евентуален нов бран
Продолжува трендот на опаѓање на бројките на новозаболени и активни случаи на КОВИД-19. Надлежните остануваат на ставот дека сега се наоѓаме во безбедна зона, но дека треба да бидеме подготвени за евентуален нов бран во текот на есента.
– Сега се наоѓаме во многу помирен дел од пандемијата, но од есен ќе се прават подготовки за евентуален нов бран, порача синоќа претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.
Тој напомена дека во моментов голем дел од европските земји имаат високи бројки на новооткриени случаи, но дека оптоварувањето на нивните здравствени системи е мало и затоа со поголема леснотија прибегнуваат кон олабавување на мерките.
-Истото се случува и кај нас, со тоа што благодарение на големиот број прележани луѓе, ние имаме малку посвеж имунитет од оној што западните земји го создаваа со вакцини со месеци наназад. Затоа кај нас паралелно со намалувањето на оптеретувањето на здравствениот систем, се намалуваат и бројките, рече Петличковски.
Подготовката за нов бран значи зајакнување на капацитетите за тестирање, преговарање за обезбедување лекови кои во рана фаза на болеста многу помагаат за критичните болни и организација на сместувачките капацитети.
Здравствените власти не се откажуваат ниту од вакцинацијата. Според Петличковски, вакцинацијата е единствениот излез доколку се појави нов есенски бран.
Инаку, според дневната статистика од Институтот за јавно здравје, вчера беа регистрирани нови 96 случаи на КОВИД-19, од направени 1.688 тестови, а оздравени се 177 пациенти.
Од новозаболените, од Скопје се 55, Битола 17, Штип 4, Прилеп и Кавадарци по 3, Велес, Гостивар и Струмица по 2, Куманово, Тетово, Охрид, Кичево, Неготино, Ресен, Радовиш и Берово по 1. Од вкупниот број на позитивни, регистрирани се 14 реинфекции.
Досега во земјата се направени вкупно 1.992.684 тестирања на КОВИД-19. Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата е 308.390. Бројот на оздравени пациенти е 298.099, на починати 9.261, а бројот на активни случаи е 1.030.
Според Светската здравствена организација (СЗО), вкупниот број на потврдени случаи од коронавирус од крајот на 2019 година достигна над 500 милиони.
-Вкупниот број на потврдени коронавирус инфекции достигна над 500 милиони, соопшти Светската здравствена организација (СЗО) доцна синоќа. Глобално, до ноќеска, потврдени се 500 милиони случаи со Ковид-19, вклучително и 6.2 милиони починати лица со вирусот, соопшти вчера ДПА.
Од појавата на заразата, кон крајот на 2019 година, најмногу инфекции се евидентирани во Европа (209.5 милиони) и во САД (151.7 милиони).
Африка пак, од друга страна, сочинува само околу два отсто од глобалниот број случаи.
Во меѓувреме, Американската администрација за храна и лекови (ФДА) даде дозвола за итно одобрување на тест за за Ковид-19, кој се прави преку здив.
Уредот е отприлика со големина на рачен куфер, соопшти вчера ФДА. Корисниците дуваат во цевка, како да дуваат балон..
Ново на Сител
-
Мицкоски до ДУИ: Јас не сум албанофоб, туку криминалофоб кој презира криминалци кои во политиката влегоа голтари, а излегоа милионери
-
Од турист до амбасадор на скриени убавини во Македонија | Фин Вотшов | Sitel Podcast 116
-
Орбан: Ситуацијата е таква што „една грешка може да прерасне во светска војна“
-
До 5 октомври аплицирање за субвенциониран студентски оброк
-
Ѓорѓиевски: Аеродром добива нов кружен тек, нов мост и уште многу други инфраструктурни проекти
-
Злоупотреба на функција и бесправно градење - обвиненија против поранешниот директор на струмички „Комуналец“
-
Уставниот суд оформи предмет за иницијативата на Левица
-
Мирен протест во Атина во рамките на генералниот 24-часовен штрајк