Костадиновска Стојчевска: Сите наши Илинденци испратија јасна порака до целиот свет – „Македонско име нема да загине“
Крушевскиот манифест и Декларацијата на АСНОМ се четива со европски вредности, достојни, и денес, и за проучување и за почитување. Воедно, сите наши Илинденци испратија и јасна порака до целиот свет дека – „Македонско име нема да загине“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која ја предводеше владината делегација на одбележувањето на Илинден во Смилево.
Илинден, посочи министерката Костадиновска Стојчевска, е празник над сите празници.
– Нашите храбри срца викнаа „Ура!“, а не „Уа!“, и се дигнаа против Империјата, против османлиската тиранија, но не и против своите сограѓани, не против своите соседи. Ја создадоа Првата република на Балканот со државно уредување што ѝ прилега на автономна, на сопствена Македонија. Овде, во Смилево, каде што се и колепката и гробот на нашиот национален херој Дамјан Груев, е донесена конечната одлука за востание во 1903. Записите од Смилевскиот конгрес велат дека на тоа му претходела долга и жолчна расправа. Делегатите не биле едногласни дека Македонија е подготвена и дека тоа е тоа време. Но, се подигна македонското алово знаме, се исправи македонскиот народ и го занеме аскерот, ја придоби Европа со својата храброст. Зашто ние, Македонците, никогаш и ништо не сме добиле на подарок. Нас повеќе нė радувала слободата отколку што нė плашела смртта. Илинденското востание е задушено во крв и во солзи, но Илинден е нашата победа и нашата скапо платена слобода. И денеска, под ова Сонце на слободата, велиме – Илинден е нашиот одговор на секое наше негирање, на секое посегнување по нас, на секое изживување со нас. Ние одамна си го врвиме својот пат и си ја гледаме својата работа. Го подигнавме бајракот за смрт или слобода, без двоумење застанавме под бајракот на антифашизмот. Секогаш сојузници на доброто, секогаш на страната на праведното, рече министерката Костадиновска Стојчевска.
Ново на Сител
-
Вински саем во Белград
-
Продолжува амандмантската расправа за предлог-буџетот
-
Се крои новогодишната кошничка
-
СДСМ утре на конгрес ќе бира ново партиско раководство
-
80 години Универзитетска библиотека Свети Климент Охридски
-
Службите кубурат со опрема и кадар
-
Општините немаат доволен број комунални инспектори, а слаба е и казнената политика
-
Преглед на вестите од светот