Македонија
19. March 2018 - 15:08

Контрола на увозниот градежен материјал, бараат домашните фирми

На иницијатива на членки на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија во неколку наврати направени се тестови со кои се  покажало дека одреден  квалитет на материјалот што се увезува не ги задоволува стандардите, рече денеска на прес-конференција претседателот на Здружението Андеа Серафимовски.

Како што појасни, испитувани се цемент и араматура, а на 50 проценти од испитаниот цемент добиени се резултати што не одговараат со нашите стандарди. 

- За тоа се известени државните органи и се почнати интензивни преговори со Пазарната и Царинската инспекција, процесот е во тек и со сите сили се трудиме да дејствуваме на измена на законските регулативи особено на увоз на производи,  што во моментов оди тешко, не е приоритет овој закон, но во постојан контакт сме со институциите, рече Серафимовски.

Апелира производите од увоз, како што се цементот, керамичките тули и керамидите, да се  контролираат  во поголем обем, посочувајќи дека последиците од ваквата состојба се несогледливо негативни.

- Арматурата и цементот се делови од носечките елементи така што штетите доколку би се предизвикале би биле огромни, особено на овој обем на работа, појасни Серафимовски.

Од друга страна, како што наведе, компаниите често имаат проблеми со признавање на производите, особено на оние за извоз, за кои се потребени дополнителни испитувања во државите каде се извезуваат со што поскапуваат и стануваат неконкурентни во странство.

- Се залагеме за поголема контрола на увезените материјали со цел да се заштити домашното производство и иницијатива за регионално обединување на производите и издавање сертификати кои би важеле во еден регион за  нашите компании да можат да извезуваат без дополнителни испитувања и анализи, рече Серафимовски.

Тој очекува многу бргу да се донесат измени на Законот за градежни производи усогласени со европската регулатива,  а кои го обврзуваат производителот во целост да биде одговорен за производот. Над 100 компании веќе поминале едукација за новините од законот, а за чија ефикасна примена од крајот на годинава за компаниите се утврдени рокови со јасни обврски. Финансиските трошоци, според Серафимовски, се незначителни.

Компаниите кои пуштаат на пазар градежни производи од хармонизирано подрачје се должни најдоцна до 30 септември годинава да почнат постапка за добивање сертификат за сообразност на фабричка контрола на производот и изјава за својство. Без изјавата и сертификатот компаниите нема да можат да учествуават на тендери. Оние кои работат со производи од нехармонизирано подрачје, односно кои немаат меѓунарден  и признат стандард во ЕУ треба веднаш да почнат постапка за носење македонски стандард. Постапка за носење нови национални стандарди треба да почнат и корисниците на т.н јус стандарди. Дозволи за потребните сертификации веќе имаат добиено Градежниот институт Македонија,  ГЕИНГ и заводот за испитување материјали.

Статистички податоци покажуваат дека Македонија лани извезла цемент во вредност од 14,5 милиони долари, а увезла таков материјал во вредност од 16 милиони долари, претежно од Албанија за 8,5 милиони долари, а увозувала и од Бугарија, Грција и Турција.

Увозот на керамиди, пак, во минатата година, е во вредност од четири милиони долари, а извозот од 4,5 милиони долари. Лани се  увезени и керамички ѕидарски тули во вредност од пет милиони долари, најмногу од Србија во вредност од три милиони долари, а по милион долари од Албанија, Бугарија, Грција.