Македонија
1. May 2025 - 16:32

Кој колку троши по кафеани и се грижи за работниците – на Први мај власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања

Сојузот на синдикати на Македонија на протести, голем број граѓани на продолжен викенд надвор од државата а власта и опозицијата на Меѓународниот ден на трудот со меѓусебни обвинувања  кој колку троши во кафеани и се грижи за работниците.

Од СДСМ со обвинување дека првите 4 месеци годинава, владини функционери потрошиле 30 000 евра во луксузни скопски ресторани.

-Секој месец оваа година, почнувајќи од јануари, Владата трошела просечно по 10.000 евра од буџетот на кафеани, додека им објаснуваше на работниците дека 400 евра се доволни за живот. Нема пари за плати, но има за гоштевања на министрите. Ова не е расипништво – ова е изживување. Ова не е власт на граѓаните – ова е елита што се изолирала од сопствениот народ, вели Богданка Кузевска – СДСМ.

Од Владата ја демантираат СДСМ дека сметки од услугите во бифињата лпо ги плаќаат вработените ги прикажува како трошоци за ручеци на миниситри.

Од ВМРО-ДПМНЕ им вратија, пак, дека се гладни, ама не за правда туку за враќање на криминалниот луксуз. Ги поддржуваат работничките права но не и политичкото водство на синдикатите.

-Како очекуваме Трендафилов да ги разбере работниците? Да објасни во кој дел сочувствува со позицијата на работниците кога земаат плати над 2000 евра? И како тоа неговите ставови се исти како и тие на СДС, Левица и ДУИ? Што барал на состанокот со СДС неодамна и какви инструкции му дале и дали му се доволни 2000 евра плата месечно додека ги лаже и злоупотребува измачените работници чии права и плати се реално ниски? Лицемерната глума на ССМ дека ги бранат работниците, додека прават договори со СДС, вели Валентин Манасиевски – ВМРО-ДПМНЕ.

Освен партиските препукувања, на Меѓународниот ден на трудот порака испрати и претседателката Гордана Силјановска Давкова која вели дека Први мај е ден кога работниците и синдикатите со право протестираат за повисоки плати и пошироки права.

-Први мај е вистинскиот ден кога ние, носителите на власта треба да се запрашаме: дали и како се остварува правото на работа, дали секој има слободен избор на вработување, дали вработените се заштитени при вработувањето, дали се соодветно материјално обезбедени при невработеност, дали секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, дали заработувачката е соодветна на трудот, дали секој вработен има право на дневен, неделен и годишен одмор, дали се почитуваат колективните договори?, порача претседателката Силјановска Давкова.