Македонија
5. July 2025 - 16:44

Кој антички град се крие помеѓу прилепските села Волково и Прилепец, дали тоа е можеби градот Пелагонија?

Дали откритието на голема јавна римска античка бања кај месноста Долиште, помеѓу прилепските села Волково и Прилепец ќе го даде одговорот на вековното прашање дали тука се наоѓа четвртата изгубена македонска престолнина градот Пелагопнија? Доказ дека станува збор за голем град е тоа што бањата е мошне комплексен и голем објект. Просторија која во моментов се истражува била место каде луѓето доаѓале да се потат т.н. судаториум.Се претпоставува дека бањата потекнува од времето на преминот од старата во новата ера.

„Римските бањи имале неколку простории, едната простгорија била соблекувална, граѓаните доаѓаат тука и се пресоблекуваат, потоа одат во другите простории. Едната од тие простории е оваа просторија каде што се потеле. Еден вид на денешна сауна, односно модерен спа центар. Потоа луѓето оделе во други простории, каде имало базени со млака, топла или сосема ладна вода“, истакна Душко Темелкоски, археолог, раководител на истражувањата.

Освен за тука, другата претпоставка за тоа каде се наоѓа градот Пелагонија е помеѓу селата Подмол и Бонче, каде се наоѓа Кралската гробница.

„Имаме некои индиции дека тоа е навистина поголем град од античко време, не покрај овие наоди кој ги најдовме и овие кампањи, туку во селската црква во селото Прилепец има неколку епиграфски мермерни споменици каде на еден натпис пишува дека овој град тесно соработувал со градот Стибера. А сите знаеме каков голем центар бил Стибера. Сега за жал на таа плоча го пишува Стибера, а не и овој град. Така што тој што ќе ја пронајде таа мермерна плочка со натпис кој е овој град, ќе биде најсреќниот археолог“, додаде Темелкоски.

Ова е втора археолошка кампања кај оваа бања, а археолозите се надеваат дека истата ќе продолжи и в година, со далеку поголем буџет од годинешниот.