Македонија
5. July 2025 - 16:50

Судот одреди куќен притвор за скопјанецот кој со мотор го усмрти Југослав – Обвинителството вложи жалба

Кривичниот суд одреди куќен притвор за 25-годишникот кој со мотоцикл го усмрти Југослав Николовски на пешачка паетка под неговиот прозорец и избега од местото на настанот. Од обвинителството за Сител велат дека вложиле жалба на ваквата одлука на судијата на претходна постапка. 

Ноќта пред да го изврши делото, осомничениот не бил бркан од полициски службеници – тврдат од полицијата за Сител. Но сепак, 25-годишниот скопјанец кој го возел Кавасакито бил без дозвола и има досие во полиција.

Лицето за кое прашувате претходно има сторено едно кривично дело Насилство во 2016 година и непочитување на здравствена ковид мерка во 2021 година, велат од МВР за Сител. 

Обвинителството веќе потврди дека бил осудеуван за истите дела. Според кривичната пријава сега тој ќе одговара за тешка сообраќајна несреќа и неукажување помош на повредените. За сторителите на овие дела е предвидена казна до 5 години затвор. 

Во меѓувреме, полицискиот билтен во месец јуни се заокружува со 46 сообраќајни несреќи само во Скопје. Истите резултирале со еден смртен случај, 15 лица се здобиле со телесни повреди, а други 9 лица завршиле со тешки телесни повреди.

Министерот за внатрешни работи, кој денеска даде отчет за сработеното во изминатата година кажа дека не е задоволен од фактичката состојба во сообраќајот. 

За да профункционира системот Сејф сити, со кој во пракса треба да се ловат тие што не го почитуваат законот, треба да се сменат седум закони. 

Министерот напомена дека системот Безбеден град е успешен во другите држави, а такви резултати очекува и дома.