Живот
2. November 2019 - 9:38

Кога природата ќе му се одмазди на човекот

Бука – Сараево

Во текот на ноќта на 21 август 1986 година, селаните кои живеат во близина на африканското езеро на Ниос слушнале необична грмотевица…

Иако е старо само околу 400 години, за вулканското езеро Ниос, северозападен Камерун, долж границата со Нигерија, со децении кружат многу митови за тоа како лоши духови живеат во него.

Она што се случи докажа дека имало вистина во предупредувањата во приказните што ги држеле децата подалеку од езерото – под мирната површина на Ниос се криела навистина голема опасност.

Тоа е приказна на Џозеф Нкваин, еден од ретките кој ја преживеал најнеобичната природна катастрофа во историјата.

„Не можев да зборувам. Останав без свест. Не можев да ја отворам устата, затоа што тогаш почувствував нешто страшно… Ја слушнав мојата ќерка чудно за`рка, многу ненормално… Додека се приближував до нејзиниот кревет… се распаднав и паднав… Сакав да кажам нешто, но гласот не можеше да излезе… Мојата ќерка веќе беше мртва“, рече тој.

По необичниот татнеж, во таа судбоносна летна ноќ, езерото се претвори во фонтана, која исфрлаше вода неколку стотици метри во воздухот.

Тогаш се формираше голем облак над езерото – се формираше од чад што излегуваше од езерото. Облакот постојано растеше, сè додека не достигна висина од околу 100 метри. Во меѓувреме, преплашените селани ги напуштија своите домови за да ја откријат причината за бучавата, објави Сајнс Алерт.

Тежок облак ја прекри целата долина полна со населби. Луѓето паѓаа насекаде – на патот, во нивниот двор, во полињата. Додека едни само изгубија свест, други, во болка и во обид да дојдат до здив, умираа само за неколку минути. Во двете села најблизу до езерото преживеаја само четири лица.

Таа кобна ноќ, езерото Ниос одеднаш испушти голем облак јаглерод диоксид (СО2), кој задуши 1746 луѓе и повеќе од 3500 животни во околните градови и села.

Тоа е првпат во историјата природата да предизвика задушување на толку голем број луѓе и животни. До 23 август, облакот исчезна и преживеаните почнаа да се будат по речиси 36-часовна несвестица.

Што знаеме и што не знаеме

Научниците заклучиле дека езерото Ниос испуштило огромна количина јаглерод диоксид околу 21 часот, а бидејќи ЦО2 е потежок од воздухот, наскоро потонал во низините, покривајќи сè со чаршаф токсичен гас, со дебелина од 50 метри.

Обично, тие тони и тони СО2 биле „задржувани“ во езерото, но се чини дека во тој момент нешто мистериозно пробило секаква бариера.

„Вулканските гасови кои потекнуваат од земјата под езерото се раствораат со текот на времето и стануваат концентрирани во најдлабоката вода, а тропските температури формираат еден вид „капак“ на топла вода над онаа студената. Не е јасно како се разбива таа бариера, а причини можат да бидат разни – од земјотреси, лизгање на земјиштето, вулкански ерупции, пороен дожд…“, објаснува научникот Дејвид Бресан.

Во отсуство на подобро научно објаснување, теоретичарите на заговор повеќе веруваат во тврдењата на некои локални жители дека ерупцијата била активирана со тајни тестирања бомби, спроведени од израелската и камерунската влада.

За да се спречи повторување на овој грозен настан, во езерото беа инсталирани цевки што од дното го извлекуваат ЦО2, а во 2011 година беа поставени уште дополнителни две, бидејќи се појави загриженост дека веќе инсталираните не извлекувале доволно јаглерод диоксид од езерото Ниос – најсмртоносното езеро во светот.

Денес езерото сè уште претставува опасност, затоа што неговиот ѕид константно слабее. Само еден земјотрес може да го урне поранешниот кратер на вулканот, а водата ќе ги поплави околните села, ослободувајќи огромни количини смртоносен гас.