Јавна расправа за законот за рекламирање на јавните институции
Претставници на новинарски и граѓански организации, медиумски асоцијации, државни институции, пратеници, новинари денеска на јавна расправа во Собранието изнесоа ставови и аргументи за Предлог - законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции, предложен од Министерството за информатичко општество и администрација.
Со Предлог- законот се уредуваат начинот и условите за реализација на активностите на јавно информирање од страна на јавните институции во целосна или доминантна државна сопственост, постапката за реализација и начинот на распределбата на буџетот за кампањи за чија реализација се предвидени над 100.000 евра, како и начинот на известување на Агенцијата за медиуми за реализираните кампањи во претходната година.
Според ресорната министерка Марта Арсовска Томовска, предвидената распределба на јавните средства со законот е транспарентна и недискриминаторска и ќе обезбеди повисок степен на предвидливост на финансиите на медиумите од аспект на законски критериуми. - Сето тоа ќе придонесе за подобри работни услови на новинарите и на останатите медиумски работници и е добра основа за натамошна професионална дообразба и унапредување на условите на пазарот, рече Арсовска Томовска, нагласувајќи дека се овозможува целосна гаранција оти уделите на пазарот на медиумите нема да бидат дестабилизирани како резултат на примената на законот.
Потребата од утврдување строги правила за владино рекламирање, укажа министерката, засновани врз транспарентни, објективни и недискриминаторски критериуми, е наведена и во Итните реформски приоритети за Македонија утврдени од Европската Комисија.
Според Арсовска Томовска, со предложениот закон транспарентноста во работата на јавните институции и обврската за бесплатно информирање е воспоставена како принцип, а само по исклучок во случаи утврдени со законот може да се спроведуваат платени информативни и рекламни кампањи. Кампањите, нагласи, мора да бидат оправдани, релевантни, соодветно презентирани и политички неутрални и ќе нема никаква можност за злоупотреба на средствата за кампањите.
Претседателот на Здружението на новинарите Насер Селмани оцени дека законот е противуставен и оти со него се суспендира слободата на медиумите.
- Владата со јавни пари станува главен финансиер на приватните медиуми со единствена цел да воспостави контрола врз нивната работа, рече Селмани дополнувајќи дека со законот „политичка пропаганда освен Владата ќе може да спроведуваат и останатите јавни институции и оти ќе се озаконела корупцијата во медиумите“.
Според претседателот на Македонската медиумска асоцијација Иван Мирчевски, петте национални телевизии оцениле дека законот е добар со одредени забелешки кои бараат им бидат прифатени.
- Сметаме дека закон којшто регулира каква било сфера во медиумите е добрoдојден, рече Мирчевски. ММА, како што информира, бара најмалку 85 проценти наместо предвидените со законот 75 проценти од износот за кампањите на јавните институции да бидат распределени на телевизиите и радијата, еднаква методологија за гледаноста на терестријалните, кабелските и сателитските телевизии, како и да се тргне членот кој се однесува на донациите и спонзорствата.
Дејан Ѓорѓиевски, претставник на Центарот за медиумски развој, пак, смета дека со предложениот закон се воведува програма за субвенционирање на медиумите.
- Законот на Владата и дава огромна и моќна алатка за корупција на медиумите, рече Ѓорѓиевски потенцирајќи дека треба да се уреди објавувањето на јавните кампањи со дефинирање строго определен опфат на теми.
Забелешка за предвидената распределба на финансиите за кампањите упати и новинарот Лирим Дулови од дневниот весник Коха. Тој смета дека 70 проценти од финансиите треба да бидат за телевизиите и радијата, 25 проценти за печатените медиуми, а 5 проценти за интернет порталите. Такви искуства, потенцираше, има во Словенија.
Неговиот колега од „Битолски весник“ Менде Младеновски побара да се вратат субвенциите за печатените медиуми што до 2003 година ги доделувала Владата. - Македонија на политички план се децентрализира, а на информативен се централизира, оцени Младеновски.
Според независната пратеничката Солза Грчева, предложениот закон е контраверзен и штетен.
- Законот е пред се недоработен и направен набрзина за потребите на предизборието, манипулативен, неприменлив, и пред се неправеден - богатите ќе станат уште побогати, а оние медиуми коишто немаат пари ќе си талкаат и навистина ќе згаснат, рече Грчева.
Јавната расправа во Собранието ја организираше Комисијата за транспорт, врски и екологија. На расправата и претходеа одделни брифинзи на претставници на МИОА со националните, локалните и регионалните ТВ и радија, интернет порталите и со претставници на новинарските организации и здруженија во земјата.
Ново на Сител
-
Нови 118 случаи на грип во државава
-
Шест мигранти пронајдени на Богородица - влегле во возилото додека возачот правел пауза
-
28 годишна тетовчанка пријавила обид за измама
-
Во студентскиот дом „Пелагонија“ решен проблемот со топла вода, се санираат и лифтовите
-
Штип го чествува празникот „Свети Никола“, патронот на градот
-
Форумот за образовани промени предлага субвенциониран меѓуградски превоз за студенти
-
ЈСП не им ги продолжува картите за бесплатен превоз на студентите
-
Прегазен 34 годишник во Гостиварско