Изложба на Чатмов во Чифте амам
Познатиот македонски академски сликар Трајче Чатмов заедно со Националната галерија на Македонија организираат самостојна изложба на слики од авторот со наслов „Религија, митологија и слободна мисла“ во Чифте амам. Отворањето на оваа имозантна изложба според бројот и формата на делата, е на 16 април, среда во 20 часот.
Чатмов (Скопје, 1971) е еден од водечките современи македонски сликари. Се работи за исклучително плоден автор, особено последните неколку години што е видно и од бројот на сликите што ќе бидат изложени (100 слики), но и од техниките што ги користи од акрил на платно, цртежи, акварели, лавиран туш за приказ на тематиката прикажана со помош на експлозивни и страстни ликовни експресии.
Во продолжение дел од импресумот и рецензијата за новата поставка на Чатмов:
„Сликарството на Чатмов е сродно на магичниот реализам во книжевноста. Неговата експресивна фигуративност е драматична и мултифокална. Зад привидниот неред на облиците се наѕира митската приказна. Неговите слики се како палимпсести, слоевити, структурирани како текст во текст, како приказна во приказна, визија во визија, боја во боја. Тој ефект се постигнува не толку со фигуративноста, колку со колоритноста. На сликите на Чатмов контактот на боите е чиста магија. Начинот на којшто тој ги спојува боите на платното е најнепредвидливиот момент во сликарството на Чатмов. Тој е мајстор на полихромноста, на комбинаториката на контрастите и нијансите. Тој го рекреира имагинарниот свет.
Чатмов е чувствителен на митските слики сочувани во колективната меморија, склон кон конфигурација на имагинарното, а во одредени сегменти (на пример во минијатурата) се интимизира со одредени препознатливи форми што ги доловува екстатично. Во јазикот и книжевноста имаме „игри со зборови“, а во сликарството и графиката „игри со форми“, заправо „игри со бои“. Од нив зависи естетскиот ефект“ – Катица Ќулавкова, академик
„Во суштина, сликите претставени на оваа импозантна изложба, според бројот (над 70) и форматот, се рефлексии на духовноста, минатото, историите, легендите, митовите. Сликите изобилуваат со симболка, како приказ на интензивниот и динамичен креативен процес, со широк распон на човечки емоции од колективната свест, базирана на културното наследство, но и личен придонес кон „слободната мисла“ како императив за индивидуалното чувствување на уметноста денес“ - Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Национална галерија на Македонија.
К.Н
Ново на Сител
-
Најмногу дожд во Охрид и на Попова Шапка
-
Лишени од слобода двајца криумчари, пронајдени мигранти од Кина и Авганистан
-
Блокадата на објекти на РТС во Белград трае повеќе од 80 часа
-
Дел од Аеродром без струја
-
Паркирањето во Општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде бесплатно
-
Работно време на Управните служби на МВР за време на Велигденските празници
-
Трамп му дава на Путин три дена за прекин на огнот во Украина
-
Од денеска трговците јавно ќе ги објавуваат продажните цени на веб страниците