Почина 24 годишен пациент кој беше на лекување во ВМА – 62 жртва на пожарот во Кочани
24 годишниот Стојанче Стефанов од Кочани ја загуби битката со сериозните изгореници и повреди од вдишување на чад. Тој е 62 жртва на големата трагедија што се случи на 16 март. Цел месец беше во тешка и критична состојба во Воено медицинската академија во Белград каде македонските лекари веднаш по пожарот го испратија на лекување во Србија.
- Станува збор за пациент со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување на чад. Во ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО апарат, преку кој се оксигенира крвта преку машина, заради вдишаниот чад. Но, заради сериозноста на повредите, тој поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба. Министерството за здравство изразува најдлабоко сочувство до фамилијата и до сите засегнати од трагедијата во Кочани“, вели Јовица Андовски, заменик министер за здравство.
Стефанов по пожарот во Пулс бил прво хоспитализиран на КАРИЛ. Но по напрвената медицинска тријажа и сериозните повреди на горните дишни патишта и белите дробови како и степенот на изгореници бил веднаш транспортиран на лекување во ВМА во Белград.
- Со контактите што ги имавме во Белград, добивме информација дека пациентиот уште од самиот старт бил во критична состојба на механичка вентилација. По влошување на состојбата 12 дена бил поставен на екстра корпорална мембранска оксигенизација. Влошувањето настапило во утринсктие саати и пациентот им подлегнал на повредите околу 11 часот денеска, вели проф. д-р Андријан Карталов, раководител на КАРИЛ.
Денеска се враќа уште еден пациент кој беше на лекување во Солун и во странски медицински центри остануваат уште 45 пациенти. Двајца од нив се во потешка, но не критична состојба, велат од Министерството за здравство. Во македонските здравствени установи на болнички третман се шестмина.
Во големата трагедија во Кочани починаа 62 лица а околу 200 беа повредени. Повеќе од стотина беа испратени на лекување во 22 европски земји.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар