Македонија
30. July 2021 - 11:28

Изгаснати пожарите кај Кочани

Рано изутринава целосно се изгаснати пожарите што вчера избувнаа на неколку локации во ридско-планинскиот дел над Кочани, со што е отстранета опасноста огнот да зафати куќи и други објекти во близина.

Повлечени се припадниците на службите и граѓаните кои учествувааа во гаснењето, а откажано е и договорената интервенција на хеликпотери на АРМ.

По увидот што службите од локалната самоуправа на Кочани го направија на теренот, констатирано е дека целосно е изгорена борова, багремова и друг вид шума на површина од над 150 хектари.

– Огнот остави пустош зад себе, направена е огромна материјална штета што допрва ќе се проценува, а таа посебно се однесува на зимзелената шума што е подигана со децении и претставуваше заштитен зелен појас на градот. За среќа немавме последици по човечките животи, а успеавме да ги спасиме и куќите кои беа на стотина метри од огнената стихија. Упатувам благодарност до сите кои учествуваа во гаснењето и помогнаа да избегнеме поголема катастрофа, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Во гаснењето на пожарот до доцна во ноќта учествуваа екипи на територијалните противпожарни единици од Кочани, Штип, Виница и Македонска Каменица, вработени во „Национални шуми“, комуналното претпријатие „Водовод“, припадници на полицијата, месно население, а беше ангажиран и хеликоптер на АРМ.

Како превентива од повторна појава на пожари, на неколку локации околу Кочани денеска ќе има дежурни екипи и цистерни на комуналното претпријатие, кои ќе интервенираат доколку има потреба.