Бизнис
26. September 2017 - 17:05

ИТ инжењерите си одат од Македонија, компаниите бараат поддршка од државата

ИТ инженерите ќе останат да работат во земјава само ако државата понуди подобри услови за нив. Компаниите од секторот бараат промени во делот на оданочувањето на нивните примања, посебни одредби за практиканство но и прецизни договори за оние кои работат од дома. Со моменталната состојба  фирмите ги вработуваат и обучуваат младите кадри но откако ќе ги добијат сите потребни сертификати тие заминуваат надвор од државата. Таму им се нудат повеќе поволности.

- Даночниот систем треба да биде поспецифично прецизиран околу примањата на ИТ инженерите кои не можете да ги задржите без 1.000 или 1.500 евра плата, а тој нема ниту стан, допрва создава семејство, изјави Антова Пешева, на конференцијата за регулативата на работните односи и пазарот на труд во ИКТ секторот.

Во предлог програмата на новата Влада беше најавено дека лицата со највисок доход ќе плаќаат поголем данок. Надлежните сепак посочуваат дека сите забелешки од ИТ секторот  ќе бидат дел од анализите кои се прават при изготвување на новите закони. Догодина ќе биде донесен нов закон за работни односи.

- За да може да ја зголемиме вработливоста на младите и на повозрасните во вашиот сектор мора да донесеме закон за практиканство во кој ќе вклучиме вработување на студенти со цел компаниите да имаат подобра подоготовка на кадарот, рече Царовска, апелирајќи да се донесе колективен договор на ниво на гранка што сега не е случај, бидејќи во секторот нема ниту синдикати, ниту колективен договор на ниво на работодавач.

Сегашните закони не дозволуваат да се спроведат светските практики за работа од дома .Нема договори со кои работникот ќе може да работи надвор од работното друштво. Нема  флексибилно работно време стажирања и бонуси . Поради ова велат од УСАИД неопходно е да се решат овие прашања кои се бариера за идниот развој на ИТ секторот во земјава.