Балкан
22. February 2020 - 13:47

Истрага против хрватскиот конзул во Барселона поради перење пари

Полицијата во Каталонија започна истрага против почесниот конзул на Хрватска во Барселона поради наводно перење пари за локална криминална група, пишува хрватскиот весник „Јутарњи лист“.

Конзулот Жули Барсена Сан Хосе е осомничен дека прифатил пари од продажба на дрога, заработени незаконски од криминална група, кои потоа ги инвестирал во недвижен имот и скапи автомобили, со цел да ги прикрие трагите.

За сличен криминал се води истрага и против почесните конзули на Албанија и на Мали, Хосе Марија Калмет Иглесиас и Хосе Луис Лопес Фернандес, кои се сомничат за истите дејствија.

Каталонската полиција соопшти на 18 септември минатата година дека уапсила четворица членови на позната криминална група поради перење на пари и шверц со дрога. Истрагата откри поврзаност на криминалната група со почесните конзули.

Барсена Сан Хосе е почесен конзул на Хрватска од 2002 година, уште од времето на хрватскиот претседател Стипе Месиќ и премиерот Ивица Рачан. Според хрватски дипломати, тој веројатно ќе биде сменет од должноста поради причинета штета врз меѓународниот углед на Хрватска.