Свет
14. July 2023 - 8:30

Илјадници Израелци протестираа пред американското дипломатско претставништво во Тел Авив

Илјадници демонстранти се собраа синоќа пред американското дипломатско претставништво во Тел Авив, повикувајќи го Вашингтон да го осуди планот за реформи во правосудството на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Американскиот претседател Џо Бајден неодамна ги нарече членовите на ултрадесничарската влада на Нетанјаху „екстремни“ и оцени дека поддржувачите на еврејските населби на окупираниот Западен Брег се „дел од проблемот“.

Десничарските сојузници на Нетанјаху предложија серија промени во судскиот систем на Израел со цел да ја ослабат моќта на неизбраните судии, за која тврдат дека е прекумерна.

Предложените измени предвидуваат сојузниците на Нетанјаху да имаат контрола врз назначувањето судии и да ги поништат судските одлуки што не ги поддржуваат.

Демонстрантите велат дека тоа ќе го уништи чувствителниот систем на контроли и рамнотежи и ќе ја концентрира моќта во рацете на Нетанјаху и неговите сојузници.

Демонстрациите траат повеќе од шест месеци, а неодамна се интензивираа бидејќи, меѓу другото, демонстрантите стравуваат дека плановите на Нетанјаху ќе го нарушат блискиот сојуз на Израел со САД.

Во неделата, Бајден изјави за Си-Ен-Ен дека актуелната израелска влада содржи некои од „најекстремните елементи“ што тој некогаш ги видел и ја критикуваше нивната поддршка за населбите на Западниот Брег изградени на окупирана земја за Евреите, за кои Палестинците се обидуваат да основаат независна држава.

Тој, исто така, апелираше до Нетанјаху да покаже умереност во реформите.

Израелските власти ги отфрлија критиките на Бајден.

Министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, жесток водач на еврејските доселеници, рече дека Израел „веќе не е уште една ѕвезда на американското знаме“.

Бајден досега одбиваше да го покани Нетанјаху во Белата куќа, иако вообичаено е израелските лидери да бидат поканети кога ќе формираат влада.

Претседателот на Израел Исак Херцог, чија улога во политичкиот живот на Израел е главно церемонијална, беше поканет да зборува на заедничката седница на двата дома на американскиот Конгрес на 19 јули по повод 75-годишнината од постоењето на Израел.

Демонстрантите се собраа синоќа не само во Тел Авив, туку и низ Израел и пред домот на Нетанјаху во Ерусалим и пред вилата на морскиот брег во Цезареја.

Во вторникот израелскиот парламент (Кнесет) во прво читање усвои одредба за ограничување на овластувањата на Врховниот суд да ги надгледува одлуките на Владата, што имаше ефект на интензивирање на протестите.

Нетанјаху планира делови од законот да бидат усвоени до крајот на јули.