Балкан
11. January 2018 - 13:43

Хрватска: Даночни олеснувања за компаниите кои инвестираат во истражување и развој

Хрватската Влада денеска до Саборот испрати предлог- закон за државна поддршка за истражувачки насочени проекти со цел поддршка на компаниите што се занимаваат со истражување, развој и иновации и тоа преку даночни олеснувања.

Премиерот Андреј Пленковиќ оцени дека се работи за квалитетен закон што ќе помогне за вложување во истражување, развој и иновации.

Целта на законот е зголемување на вложувањата во приватниот сектор во истражување и развој за да се оствари целта- државата да достигне износ на вложувања во истражување и развој од 1,4 отсто БДП до 2020 година.

Во однос на научно- истражувачките активности денес Хрватска се наоѓа на долниот дел од ранг- листата на членките на ЕУ. Просекот во ЕУ е над 2 отсто БДП, а сега е под еден отсто БДП. 

Најголем износ на намалениот данок на добивка, кој поради таа поддршка не мора да се плати, изнесува 300.000 евра, односно ќе се движи помеѓу 50.000 евра за студии за изводливост до 300.000 евра за темелни истражување.