Македонија
6. August 2024 - 16:49

Не стивнува епидемијата со голема кашлица – досега регистрирани се близу 1000 заболени

Нови 25 заболени од голема кашлица се регистрирани за недела во Македонија. Според податоците од извештајот на ИЈЗ нозаразените се на возраст од 2 месеци до 50 години. Повеќето се од Скопје и Куманово каде веќе неколку месеци има епидемија и не биле комплетно вакцинирани. Досега се потврдени близу 1000 случаи со Пертусис, а во моментот на болничко лекување се 3 деца.

По сомнежите за саботажа со исклучените фрижидери во ИЈЗ каде се чувале реагенсите за испитување на голема кашлица кои ги истражува и обвинителството, директорката вели дека сега располагаат со доволно тестови кои биле обезбедени со донација, бидејќи претходното раководство не распишало нов тендер навреме.

- Нормално за оние кои не довеле во ваква ситуација има некаква постапка за да ни дадат одговори зошто практично не довеле во ваква состојба. Одма ја информирав јавноста за фактичката состојба и имавме понуда за донација и е обезбедена донација за следните 5 месеци врз основа на стручен извештај од вработените во ИЈЗ колку од прилика се трошеле и колку ќе ни бидат доволни за следните 5 месеци за да ја надминеме оваа ситуација додека трае новата набавка за истите за да не останеме без реагенси, изјави д-р Марија Андоновска, в.д директор на ИЈЗ.

Инаку освен во Македонија, епидемии на голема кашлица има речиси во сите земји во регионот. Болеста се карактеризира со долго и интензивно кашлање, а трае и до 100 дена.