Македонија
9. September 2024 - 16:27

ДЗС остана само со еден функционален „Ер трактор“

Дирекцијата за заштита и спасување остана само со еден функционален „ер трактор“. Другите два авиони кои се клучни за гаснењето на пожарите ги прегледуваат механичари, но не може да се прецизира кога ќе бидат подготвени да оперираат врз стихиите.

По исфрлени над 3.000 тони вода за два месеци, во моментов не може да се надеваме ниту на полициските хеликоптери. Едниот го поправаат експерти од Шведска, а за да се санира дефектот кај другиот задолжени се македонски експерти.

Поради проблемите кои ги имаат воздухопловите, фокусот на гаснењето на пожарите се става од копно. И првиот човек на ДЗС, кој во директорската фотелја седна пред еден месец, смета да се неопходни реформи во целосниот систем со кој Македонија се справува со кризите.

Новата влада ги врати двата пензионираните пилоти на ер тракторите на работа со договор на дело, оти немаше кој да управува со овие воздухолплови. Се распишува оглас за нови вработувања, ама нема заинтересираност некој да управува со најсложените воздухоплови во државата.

Директорот на ДЗС смета дека овој проблем со недостиг на пилоти на ер тракторите ќе се реши ако се зголемат платите.