Халкбанк ја започнува акцијата „Еден милион садници за пет години“
Халкбанк АД Скопје започнува нова еко-акција „Еден милион садници за пет години“ со која потврдува дека грижата за животната средина останува нејзин врвен приоритет. Оваа акција ќе биде најголем придонес на Банката досега кон подобрување на животната средина, поттикнување на колективната свест и обезбедување на почист воздух за сегашните и за идните генерации.
Со акцијата „Еден милион садници за пет години“ истовремено се одбележува и петгодишнината од „зелената платформа“ ХалкЕко, во рамките на која банката во изминативе години оргнизираше и поддржа бројни еколошки проекти.
Банката веќе потпиша договор со ЈП „Македонски шуми“ за спонзорство, кое предвидува во следните пет години да се засадат 1.000.000 садници низ територијата на целата земја. Во текот на годинава ќе бидат засадени 20.000 садници, а од 2025 година, динамиката ќе се зголеми со засадување по околу 250.000 садници годишно, со што до 2029 година ќе се постигне целта од еден милион садници.
Според Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје, основна цел на иницијативата е создавање поодржлива, позелена и поздрава Македонија. Тој посочи дека преку платформата ХалкЕко досега се реализирани повеќе акции низ различни општини во кои беа засадени над 60.000 садници. Овие дрвја веќе почнаа да го даваат својот придонес бидејќи секое дрво апсорбира приближно 22 килограми јаглерод диоксид годишно и ослободува кислород доволен за двајца луѓе. Банката реализираше и низа други активности, во кои најде поддршка и од партнерот Мастеркард, за уредување на урбани корнери, реновирање на мостови во градски парк, оддржување на еко спортски трки во трчање и велосипедизам, едукации и работилници.
„Со засадување на еден милион дрвја не само што ќе придонесеме за обновување на деградираните подрачја, туку ќе го зајакнеме и пошумувањето на национално ниво. Оваа акција значи враќање на животот во заедниците, заштита на биодиверзитетот и ублажување на климатските промени. Нашите шуми се нашето наследство, но и наша одговорност. Да ја прифатиме оваа можност за промена. Да бидеме генерацијата која ќе остави трага – не само на зборови, туку и на дела“, рече Суџубаши.
Заблагодарувајќи се на Халкбанк за оваа значајна иницијатива и за посветеноста кон заедницата и околината, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, рече дека шумите и земјоделството се неразделно поврзани. Тие обезбедуваат стабилност на почвата, задржуваат влага и претставуваат природна заштита од ерозија. Со засадувањето на нови дрвја се заштитуваат овие витални ресурси и се обезбедуваат подобри услови за земјоделско производство, особено во региони погодени од климатски екстреми како суши.
„Како министер за земјоделство, целосно сум посветен на иницијативи кои ги штитат природните ресурси и го унапредуваат нашиот земјоделски сектор. Затоа, ги повикувам сите граѓани, земјоделци, компании и институции да се инспирираат од овој позитивен пример и да се приклучат во вакви иницијативи“, рече Трипуновски.
Ане Лешкоска, заменик министер за животна средина и просторно планирање истакна дека акцијата која ја предводи Халкбанк, е симбол на заедничката одговорност. Таа посочи дека Министерството за животна средина соработува со приватниот сектор, невладините организации и граѓаните за да се создаде партнерство кое ќе доведе до вистински промени.
„Како Министерство за животна средина, наша основна цел е решавање на најгорливите еколошки проблеми. Проблемот со загадувањето, посебно на воздухот, веќе подолго време ја загрозува благосостојбата на нашите граѓани. Засадувањето дрвја е еден од најефикасните начини за ублажување на загадувањето. Дрвјата не само што го апсорбираат јаглерод диоксидот, туку ја намалуваат концентрацијата на ПМ честички во воздухот, произведуваат кислород и создаваат природни бариери од прашина и други штетни материи. Овој проект, кога ќе биде реализиран, ќе го намали загадувањето во регионите каде што е најкритично“, истакна Лешкоска.
Директорот на ЈП Македонски шуми Здравко Трајановски, потенцираше дека Халкбанк преку својата платформа ХалкЕко докажа дека приватниот сектор може да биде моќен двигател на општествена промена и дека ваквите партнерства меѓу јавниот и приватниот сектор се суштински за вистински промени во заштитата на животната средина. Тој изрази надеж дека еден ден локациите кадешто ќе се садат дрвјата ќе добијат име „Халк шума“.
„Еден милион садници значат многу повеќе од зголемување на шумските површини. Тие претставуваат директен придонес за намалување на јаглеродните емисии, подобрување на квалитетот на воздухот, заштита на почвата од ерозија и зачувување на биодиверзитетот. Секое ново засадено дрво е симбол на враќање на природната рамнотежа и создавање поздрава животна средина за сегашните и идните генерации“, рече Трајановски.
Од Халкбанк најавија дека покрај пошумувањето, банката ќе продолжи да спроведува и други еколошки иницијативи во насока на поддршка на животната средина и локалната заедница.
Ново на Сител
-
Чеферин му го честита изборот на Омерагиќ за претседател на ФФМ
-
Сообраќајот во зимски услови, забрани за тешки возила на Стража, Пресека, Ѓавато и Буково
-
Експлозија пред куќа во Прилеп, нема повредени
-
Градот Скопје и Сојузот на спортови на Скопје го награди Кикбоксот со пет награди на локално ниво
-
За 3.000 евра плата се приклучил на руската војска во Украина, уапсен 37 годишен скопјанец
-
Потврдена безбедноста на водата за пиење во Скопје
-
Обвинение за убиство на вонбрачна партнерка од страна на 33-годишник
-
Во прекин сообраќајот на патот Ресен - Охрид, кај превојот Буково поради сообраќајна незгода