Груевски: Со странските инвестиции лани 6.700 вработувања, а од почетокот на годинава 3.610
Нови 3.610 работни места ќе се отворат со реализацијата на најавените странски инвестиции од почетокот на годинава, а вкупно ќе бидат вложени 90 милиони евра. Лани влезот на странските инвестиции во Македонија резултираше со нови 6.700 вработувања.
Тоа го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на денешната средба за текот на реализацијата на инвестициите во државава, што ја одржа во партиското седиште со надлежните вицепремиери, министри и раководители на институции.
Привлекувањето странски инвестиции, потенцира Груевски, е еден од најглавните приоритети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Вработувањето на 6.700 лица во минатата година значи дека 6.700 семејства за само една година се вработиле, имаат редовна плата и егзистенција.
Како што информира Груевски, во изминатите четириесет дена Владата имаше девет настани за реализација на странски инвестиции при што со четири компании беа потпишани договори, три почнаа со работа, една почна со градба на својот капацитет, а една објави одлука за инвестирање. - Од почетокот на 2016 односно во изминатите 40 дена имавме девет настани поврзани со странски инвестиции од кои четири компании потпишаа договор (Би-ер-џи од Индија, Џерман електроник од Германија, Џонсон Контролс од Америка и Ванхол од Белгија), три почнаа со работа (Технохозе од Италија, Икс трејд од Италија и фабриката за производство на чипс во Кравари, чиј инвеститор е Македонец повратник од Австралија), една компанија, германски Акомпласт почна со градба на капацитет, а уште една објави дека ќе инвестира во Македонија Кеслер од Германија. Со реализацијата на најавените инвестиции од почетокот на годината ќе се вработат 3.610 лица, а кога ќе бидат завршени инвестициите ќе изнесуваат 90 милиони евра, рече Груевски.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека од 2007 година до 2015 странските инвестиции изнесуваат 2 милијарди и 266 милиони евра, што е за 1,5 милијарда повеќе отколку во претходниот период. - Тоа се одразува и врз извозот. Во минатата година постигнато е рекордно ниво на извоз од милијарда и 472 милиони евра што значи дека 36 проценти од македонскиот извоз денеска го произведуваат странските инвестиции. Тоа е за 26 проценти повеќе во однос на 2014 година. Од година во година особено по 2009 и 2010 година има значителен раст на извозот. Секоја година отприлика има двоцифрени стапки на раст, рече Ставрески.
Ако не беа овие фабрики, посочи, македонскиот извоз сега ќе беше 36 проценти понизок отколку што е. - Сега имаме извоз од околу 4 милијарди евра, минатата година се надмина тој износ, а од којшто 1,5 милијарди е од зоните. Тоа е 36 проценти за само 4, 5 години, а со оглед дека добар дел од овие фабрики допрва ќе го достигнат полниот потенцијал може да очекуваме раст на извозот и на вкупното производство, посочи Ставрески, оценувајќи дека во структурата на извозот е постигната промена со производи со додадена вредност, што се бараше долги години. Извозот на машини и транспортна опрема денес изнесува милијарда евра и е за пет пати повисок од 2010 година што, подвлече Ставрески, е директно резултат на слободните зони. Тоа, додаде, помага многу на трговскиот дефицит кој едно време беше слаба точка на македонската економија, а од година во година се намалува. И тековната сметка на платниот биланс е во многу посилна позиција отколку порано. Минатата година дефицитот на тековната сметка беше под еден процент што, посочи Груевски, не бил никогаш понизок.
На средбата беше посочено дека еден од долгорочните ефекти што се очекува од странските инвестиции е домашните компании да станат нивен силен добавувач. Тоа може да се направи со снабдување на фабриките во зоните зашто треба да постигнат стандарди што ќе им овозможат да извезуваат и надвор од Македонија. Бројот на такви добавувачи, посочи вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, расте постојано. Моментно над 500 компании со домашен капитал работат со компаниите во слободните економски зони. - Како што расте бројот на компаниите што ги носиме во зоните и не само во зоните, туку и надвор од нив, така ќе расте и овој број,но и бројот на вработени во тие компании, рече Пешевски посочувајќи го примерот со штипска Актива која со новата инвестиција на Ванхул како нивен добавувач најавува ангажирање на уште најмалку 150 лица.
Удел во одлуките на компаниите да инвестираат во Македонија имаа и амбасадите со што, наведе Груевски, се демантираат критиките за големо ангажирање на дипломатијата на овој план. Последните две компании што дојдоа благодарение на контакт на амбасадорите, се Би ерџи од Индија и Џерман Електро мехатроник системс.
Според податоците на директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо само минатиот месец извозот од зоните е зголемен за 14 проценти, а се очекува раст на извозот од 15 проценти за цела година.
Активностите на дипломатите, рече министерот за надворешни работи Никола Поповски, резултирале со инвестиции на осум фирми, а воспоставени се контакти со уште 11 коишто се во фаза на реализација. Покрај дипломатите, во привлекување странски инвестиции се ангажирани и 32 економски промотори кои активно на дневна основа работат на привлекување странски инвестиции во Македонија, но и да помогнат македонските компании да остварат извоз. Воедно во секторот на кабинетот на премиерот за нерезидентни промотори се ангажирани 12 лица кои по телефон, електронска пошта или учество на саеми и посета на компании прават сериозни обиди да привлечат странски компании.
Во осврт на најавите од компаниите што од почетокот на годинава реализираат или најавија инвестиции, Груевски рече дека Биерџи што ја купи велешка Порцеланка планира 1.000 вработувања и инвестиција од 31 милион евра, Џерман Електромехатроникс системс во Бунарџик 200 работни места со инвестиција од 15 милиони евра, Акомпласт што веќе градат капацитет во Прилеп ќе инвестираат три милиони евра и ќе вработат 150 лица,... Икс трејд, пак, најави 100 вработувања, Џонсон Контролс од каде почнаа со вработувањата планираат бројка од 1.500 нови работни места. Договорот што беше потпишан со Ванхул ќе обезбеди 400 директни работни места и 15 милиони инвестиции, Кеслер објави дека ќе отвори 60 вработувања во двете фази, а во втората фабрика на Технохозе се планираат 100 нови работни места и десет милиони евра инвестиција. Сто вработувања се најавени во фабриката за чипс во Кравари со три милиони евра инвестиција, рече Груевски.
Од инвестициите што се во полн ек, додаде, во јуни се очекува реализација на фабриката што ја гради ОДВ Електрик во зоната во Охрид/Струга, каде се 100 работници, бројка што треба да биде најмалку двојно зголемена до крајот на годинава, а вкупно се планираат илјада вработувања. - Џонсон Контролс, кои, пак, досега имаат ангажирано 130 лица во браунфилд инвестиција во април почнуваат со градба и ќе завршат во март 2017 година. Во фабриката на Ванхул ќе се вработат 400 луѓе, а домашната Хајтек ќе има градежни активности од март, ќе бидат функционални до крај на годината со најмалку сто вработувања и да стасаат до вкупно 200 вработувања. Акомпласт од Прилеп треба во јуни-јули годинава треба да почне со оперативно работење со 50 вработувања до крајот на годинава и да стаса до 400 работни места. КСС во Кичево ја изградија фабриката, почнаа со пробно производство, а до крајот на годинава бројот на вработени треба да достигне 500, а вкупно планираат илјада, рече Груевски
Ново на Сител
-
Трета Меѓународна конференција за фриленсери
-
Вакцинални тимови од наредната недела ќе одат во домови за стари лица за имунизација против грип
-
Медицинските сестри се соочуваат со низа проблеми
-
Завршен митинг на ВМРО ДПМНЕ во Охрид
-
Завршен митинг на СДСМ во Куманово
-
Завршен митинг на ВМРО ДПМНЕ во Охрид
-
Завршен митинг на СДСМ во Куманово
-
Завршен митинг на ЗНАМ во Куманово