Вакцинални тимови од наредната недела ќе одат во домови за стари лица за имунизација против грип
Постари од 65 години, хронично болни, трудници и деца до двегодишна возраст е категоријата на граѓани кои од завчера кога почна вакцинацијата против грип го посетиле пунктот во поликлиниката Букурешт. Од тимот за имунизација кој во овој диспанзер работи само втора смена велат дека има голем интерес и нема никаков застој во процесот на имунизација. Здравствен дом Скопје има и екипи кои од понеделник ќе одат во домовите за стари лица.
-Од следната недела започнуваат напите превентивни тимови да ги посетуваат старечките домови каде имаме доста голема заинтересираност. Да напоменам и дека сите оние кои од било какви причини дали поради одредена хронична болест или неподвижност, во домашни услови процесот на вакцинација може да го остварат со тоа што некој од членовите на нивните семејства може да го посети вакциналниот пункт или пак, наредната недела Министерството за здравство ќе објави телефонски контакти каде што граѓаните ќе можат да ги пријават и овие лица се со цел да се заврши и кај нив процесот на вакцинација, вели д-р Каролина Ристова Стефановска, раководител на превентивна заштита во Здравствен Дом Скопје.
Во Скопје има уште четири места каде се примаат вакцини, од кои оној во Институтот за јавно здравје е за здравствени работници кои влегуваат во групата на ризични категории.
Постари од 65 години, хронично болни , деца до 5 годишна возраст, трудници, здравствени работници се пријавуваат на сајтот vakcinacija.mk, каде веќе аплицирале над 50 000 лица и вакцините за нив се бесплатни. Министерството за здравство за оваа категорија граѓани набави 80 000 дози, најмногу досега.
Од наредната недела ќе има и комерцијални вакцини за граѓани кои не се во ризичните групи.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар