Градинките од 1. Септември почнуваат со двосменско работење - партиите се препукуваат
Kако што најави Владата двосменското работење во градинките почнува во петок на 1ви септември. Од пратеничките редови на СДСМ додаваат дека одлуката ќе се спроведе, и дополнително до крајот на годината ќе заврши и изградбата и опремувањето на 13 детски градинки со кои ќе се згрижат нови 682 деца. Потпишани се и договори за обнова на постоечки објекти.
- За неколку денови, веќе од први септември, градинките ќе почнат со двосменско работење. Тоа ќе значи дека децата во градинките ќе бидат згрижувани во подолг временски период согласно потребите на нивните родители, вели Јагода Шахпаска од СДСМ.
Парламентарното мнозинство и Владата предводена од СДСМ со серија на мерки го унапредуваат квалитетот на животот на сите граѓани. Шахпаска вели дека во тие мерки се и законските измени со кои им се подобрува животот на лицата со попреченост, покачувањето на минималецот, како и решавањето на проблемот со статусот на стечајните работници.
Од опозицијата пак тврдат дека мерката со градинките е гол популизам без да се провери колку се подготвени за реализација, и предупредуваат на хаос во работата на установите.
За реализација на мерката е потребно и зголемување на буџетот и блок дотациите за детските градинки. Тоа не е предвидено со ребалансот на буџетот за 2017, кој е донесен од новата Влада, што е уште еден показател дека власта е на пат да направи хаос и во градинките низ државата соопштуваат од ВМРО.
Втората смена во градинките ќе биде од 14.00 до 21.30 часот а работна ќе биде и првата сабота во месецот од 8 до 16 часот. Ова ќе важи за установите низ целата држава, со исклучок на градинки кои ќе проценат дека нема потреба од двосменско работење.
-
Александра Десподовска
Сите содржини од овој новинар