Готвачката елита викендов во Охрид на четвртиот „Гастромак“
Повеќе од 300 професионални готвачи, шефови на кујни, но и готвачи аматери оние кои ќе ја креираат иднината на добриот залак, викендов се во Охрид, во рамки на четвртиот Интернационален гастрономски натпревар „Гастро Мак” што се одржува под мотото „Не бери гајле, биди Охрид”.
Континенталниот гастрономски настан на кој учествуваат и готвачи од целиот свет се одржува во организација на Националната асоцијација на готвачи и шефови на кујни од Рeпублика Северна Македонија, поддржана од Министерството за култура и Општина Охрид.
Од она што ќе биде презентирано на „Гастромак“, како во натпреварувачкиот така и во ревијалниот дел на програма, ќе бидат искористени идеи, новини што би биле од полза во унапредувањето на македонската гастрономска понуда, но пред се онаа на Охрид како главен туристички центар во земјата. Но, колку е да се желбите и очекувањата големи, светските искуства и оценките на експертите кажуваат дека тоа е долг, макотрпен процес што мора постојано да се се надградува, унапредува, да ги следи светските текови…
Ангела Василеска, професор д-р. на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и експерт по гастрономија која е организатор на многу слични манифестации што имале за цел подобрување на понудата на храна во градот, гастрономските процеси во земјата ги оцени како „бавно освестување“.
– Охридската гастрономска понуда се уште е во сивило, нема своја препознатливост. Сите понуди на рестораните се слични, наликуваат една на друга. Она што е потребно да се издвојат, да станат препознатливи и конкурентни, но во лојална конкуренција. Тоа значи дека ако еден ресторан е успешен, другиот треба да го отслика истото мени, туку секој да има своја понуда и да разработува своја таргетна група, вели Василеска.
Таа истакна дека преку контактите со големите светски шефови и готвачи со „мишелин“ ѕвездички се прави обид да се подобри охридската понуда на јадења, со примена на локални прехрамбени продукти, потоа нивна правилна презентација, послужена од келнери обучени и оспособени понудата да му ја пренесат на клиентот.
– Кадрите готвач и келнер се се повеќе дефицитарни во Охрид, но таква е ситуацијата генерално во земјата. Ќе се соочиме со сериозна ситуација, мора да се размислува за тоа како да се справиме со тој проблем. Најверојатно ќе се покачуваат платите, но високата плата бара професионалност. Профил на личност со вештини потребни за работата што ја вршат, вели таа.
Кога станува збор за ресторанските менија што се на понуда, таа со констатација дека за жал мали се промените, мора да се работи креативно.
– Се работи за гастрономско освестување, прво да знаеме што треба да правиме. Креирањето мени не е така лесна работа, не се работи да се препише. Секој ресторан да се наметне со своја препознатливост со кратко мени и најмногу 12 јадења и гостите кои ќе одберат каде да ручаат, вечераат тоа да го прават токму поради изборот на понуденото. Да не се нуди се оттаму што еден ресторан не може да понуди квалитетна пица, чорба, скара, туку секој угостителски објект да има своја препознативлост, вели Василеска.
Дел од годинешната готвачка елита во Охрид е и најпознатиот готвач на овие простори, Стево Карапанџа. Тој е во Охрид како претседател на жирито што ќе ги оценува јадењата што ќе ги приготвуваат учесниците на натпреварувачкиот дел од манифестацијата.
Карапанџа изненаден од бројот ресторани и хотели во Охрид, задоволен од она што можел да го проба во некои од нив за време кусиот престој тука од два дена.
– Недоволно ја познавам локалната гастрононската понуда, но она што го пробавме овие денови е навистина убаво за уживање. Се надевам дека и оваа манифестација ќе ги поттикне младите готвачи, дека ќе им ги отвориме очите, дека во многу од нив ќе се роди некој нов Карапанџа, вели тој.
За тоа како се станува готвач професионалец како што е самиот тој, Карапанџа рече дека тоа бара многу љубов кон професијата, но и исто толку упорност и работа.
– Оваа професија е атрактивна, дава многу можност да се види светот, многу да се патува, да се научат и видат културите на многу нации, народи. Многу од овие готвачи тука токму преку чинијата ќе ја запознаат македонската култура, рече тој.
За гастрономијата тој истакнува дека е сигурно еден од најважните сегементи на секоја туристичка понуда, затоа мора да се работи на задржување на добрите готвачи, да се спречи нивното заминување надвор.
– Го имате ова убаво езеро, овие прекрасни планини, чист воздух, но она што е на чинијата е многу важно. Позната е приказната дека и љубовта оди преку неа. Некој универзален репецт за успех нема. Но, мора да работите како да ги задржите готвачите тука. Тоа е едноставно, треба добро да се платени. Мора да им се овозможат добри примања, вели Капаранџа кој не криеше дека самиот како готвач во Швајцарија имал месечна плата и до 12 илјади франци.
Во рамки на програмата на „Гастромак“ на учесниците ќе им биде понудено специјално изработено мени на нетипична македонска вечера, спој на локална храна со македонско вино, но приготвена на несекојдневен начин. Менито е направено како урнек како би можеле тоа да го направат одредени ресторани, уникатно мени со локални продукти, но креативен пристап, со локални зачини, локални техники на готвење. На менито за почеток нуди „Виножито“ салата со зелена салата, чери домати, печено сирење, нане, јаткасти плодови маринирани во мед и балсамико со пршута. Како предјадење ќе се сервира белвица на трска зачинета со лута пиперка, потоа пилешко во сос од планински чај и малина со овчо сирење, додека главното јадење е телешко под сач со арпаџик, пире од карамелзирани брокули, морков, босилок и карфиол во редуциран сос од вино. На крајот следува десерт, црквена пченица со лимонов сос и крем од козјо сирење.
Во рамки на програмата утре е предвидено одржување на „Фиш фест“, кога професионални готвачи со „мишелин“ ѕвездички ќе приготвуваат скара на отворено, а нивните креации ќе можат да ги дегустираат посетителите на манифестација.
Ново на Сител
-
Немаме сушари за сушење овошје и зеленчук
-
Увозното смрзнато ќе се заменува со домашно свежо свинско месо
-
Преглед на вестите од светот
-
Тема на денот со Борко Ристовски, министер за спорт
-
Мицкоски оптимист за ЕУ интеграцијата и покрај ставовите на Кос
-
Гаши за уставните измени
-
Mицкоски ќе оди на средба со банкарите – да им го каже она што сакал да им го каже
-
Скопје на седмо место според загаден воздух во светот – почна сезоната на алармантно аерозагадување