Ѓорѓиевски: Од понеделник 55 приватни автобуси ќе го засилат јавниот превоз во Скопје

Од понедлник 55 приватни автобуси ќе сообраќаат низ Скопје, до нова година уште 20 приватни, а во март со поддршка на Владата ќе се набават нови 80 автобуси, најави денеска градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Тој од паркингот пред салата „Борис Трајковски“ најави подобрување на јавниот превоз, вклучувајќи враќање на приватните превозници во системот на градски транспорт.
- Како што ветив во предизборието, започнавме со активности за чистење на градот и решавање на клучните проблеми на граѓаните. Една од тие активности е повторното вклучување на приватните превозници во јавниот транспорт, истакна Ѓорѓиевски.
Според него, за помалку од 48 часа од преземањето на функцијата, постигнат е договор и се потпишани лиценци за 55 приватни автобуси, кои ќе започнат со работа од понеделник.
- Дополнително до нова година од она што сум информиран од приватните автопревозници ќе бидат вклучени уште 20 автобуси најмалку. Што значи дека целосно ќе биде нормализиран градскиот транспорт за нашите сограѓани. Земаме во предвид дека и некаде околу март месец во координација со Владата очекуваме да пристигнат и 80 автобуси нови. Целосно ќе го нормализираме градскиот транспорт. Ова е почеток на решавање на сообраќајниот хаос и создавање алтернативи за граѓаните, истакна Ѓорѓиевски.
Градоначалникот најави дека дел од линиите ќе ги држат приватните превозници, дел ќе бидат комбинирани со ЈСП, но нема да се одземаат линии од ЈСП. Ќе се направи ревизија на возниот ред и линиите, кои, како што рече, со децении не се променети.
Ѓорѓиевски посочи дека финансиската состојба на градот е сериозна, со само 40 милиони денари на сметката и значителни долгови на јавните претпријатија. Сепак, тој најави напори за стабилизација и редовна исплата на обврските.
Во однос на отказите на вработените кои не доаѓале на работа, градоначалникот откри дека во јавните претпријатија има сериозни злоупотреби.
- Вчера имавме листа од 371 лице што зема плата, а не се појавува на работа. Денеска таа бројка е 398, и очекувам да стигне до 500. Тоа се најмалку 5 милиони евра годишно, или 20 милиони евра за 4 години, пари што можеле да се вложат во проекти како луна парк за Скопје, истакна Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до надлежните институции да се вклучат и да ги истражат случаите, додавајќи дека ќе бара одговорност од сите кои потпишувале за вакви злоупотреби.
- Без разлика на партиска, верска или национална припадност, моја должност е да се грижам за секој денар на граѓаните, заклучи Ѓорѓиевски.
Претставникот на приватните превозници Јовица Зафировски рече дека приватните превозници се многу важен дел од јавниот превоз во градот Скопје.
- Во изминатиот период работевме сериозно на обнова на возниот парк, имаме еколошки автобуси и сме подготвени да одговориме на потребите на граѓаните, нагласи Зафировски.
Тој истакна дека комуникацијата со градоначалникот Ѓорѓиевски е одлична и дека очекува заедничка работа на подобрување на возниот ред и останатите проекти поврзани со јавниот превоз.
- Многу брзо ќе имаме редовен возен ред, граѓаните нема да чекаат. Како што ќе пишува на информативните табли, така ќе пристигнуваат автобусите. Тоа е она што им треба на граѓаните, редовност, навремени, еколошки, чисти и климатизирани автобуси, додаде Зафировски
На новинарско прашање за долгот од страна на ЈСП кон приватните превозници, рече дека изнезува 170 - 180 милиони денари.
МИА
Ново на Сител
-

Алиу за случајот со почината пациентка: ДСЗИ е веќе на терен, денеска ќе потпишам да се формира стручната комисија
-

Универзитетските асоцијации во Србија повикаа на собир утре пред Собранието да ја поддржат Дијана Хрка
-

Свекор нападнал снаа со остар предмет во Кавадарци
-

Татко и син од Демир Капија измамени за 14.700 денари откако аплицирале за работа во странство
-

Сиљановска Давкова за ИПАРД: Строго треба да се санкционира злоупотребата, одговорност мора да има
-

Протест на земјоделците во Атина – во фокусот скандалот со европските земјоделски субвенции
-

Во штипскиот Основен суд на 27 ноември почнува судењето за убиството на турскиот државјанин
-

15-годишник со Голф направил тешка сообраќајка во Кондово, повредени шест лица меѓу кои 2-годишно девојче
