Функционер на британската УКИП „пребега“ во Конзервативната партија

Високиот функционер на британската антиевропска партија УКИП, Крис Вуд, соопшти дека ја напушта партијата и преминува во редовите на владејачките конзервативци, објаснувајќи го својот „пребег“ со длабоката разочараност од партиските состојби.
Вуд е поранешен ториевец, кој пред шест години им се приклучи на УКИП (Партија на независноста на Обединетото кралство), тогаш незадоволен од европската политика на конзервативците, јави Би-Би-Си.
Сегашната негова одлука за враќање, доаѓа по оставката на Дијана Џејмс, само 18 денови откако беше избрана за нов лидер на УКИП, по повлекувањето на Најџел Фараж во јули, како и по скандалот во Стразбур од минатата недела.
Во зградата на европскиот Парламент дојде до тепачка меѓу двајца европратеници на УКИП, собрани на партиски состанок, на кој се зборувало за состојбите во нивната партија.
По бурната расправија, едниот од нив, Мајк Хукам му удрил тупаница на својот партиски колега и политички противник Стив Вулфи, по што овој падна во несвест и беше итно префрлен во болница.
„Бегалецот“ Вуд изјави дека инцидентот не е изненадување, затоа што партијата веќе подолго време се наоѓа во криза.
Набљудувачите во Лондон забележуваат дека кризата се гледа не само со тепачката во која „жртвата“ е главниот претендент за нов партиски лидер, туку и со оставките - прво на Фараж, а потоа и на Џејмс, иако УКИП го оствари она за што и беше создадена од пратеници и активисти на ториевците - Британија да излезе од ЕУ.
УКИП има бројни советнички места во општините на Англија и победи на последните избори за европскиот Парламент, но има само еден пратеник во Вестминстер, во Лондон.
Тоа не е доскорешниот лидер Фараж, кој сега е привремен лидер, туку еден конзервативен пратеник кој пред две години „пребега“ кај антиевропејците.
Ново на Сител
-

Сиљановска Давкова: Техничката влада е препартиска и нема уставен основ, сега не треба да има предвремени избори
-

Мисајловски: Сè поголем интерес за професионални војници, годинава конкурс за уште 300
-

Зеленски: Украински функционери се на пат кон САД за да ги разјаснат условите за постигнување мир
-

Стармер не сака разговори со Путин како што предложија Макрон и Мелони
-

Поранешната најголема санта лед во светот видена од вселената како се распаѓа
-

Трамп може да ги казни со царини земјите кои се противат на неговите планови за Гренланд
-

ДСЗИ: Причината за смрт на доенчето починато во Кавадарци ќе биде наведена во извештајот по завршување на обдукцијата
-

МВР: Од 20 до 31 јануари тестирање на камерите за сообраќаен надзор во рамки на „Безбеден град“
