Свет
25. January 2016 - 8:47

Франција бара земјите од ЕУ поактивно да соработуваат во борбата против тероризмот

Франција планира да изврши притисок врз земјите-членки на ЕУ за поактивна соработка во борбата против тероризмот, изјави францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев.

Тој ја даде изјавата пред денешната министерска средба на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ, која ќе се одржи во Амстердам.

Казнев истакна дека на средбата ќе настојува да биде усвоена листа на рокови за натамошни активности, кои ќе овозможат преземање на првите конкретни мерки до крајот на првото тромесечие оваа година.

Тој, исто така, упати критики до некои држави од Унијата, кои не доставуваат доволно податоци во информациските бази на шенгенскиот систем, кои се наменети за собирање и размена на информации за осомничени лица и оние на кои им е забранет влез во Шенген зоната.

- Некои земји сметаат дека терористите нема да ги нападнат, но тие се залажуваат, бидејќи терористите водат борба целосно против европскиот модел, нагласи францускиот министер.