Фетаи со честитка за „Слободна зона Карадак„ - Избриша видео со знаме на голема Албанија
Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, со објава на фејсбук го честиташе денот на прогласувањето на слободната зона „Карадак“ за време на воениот конфликт од 2001 година. На видеото снимено со мобилен телефон од селото Слупчане се гледаат бројни албански знамиња закачени на електричните столбови, а на сообраќајните знаци поставени се и знамиња со карти на голема Албанија.
На видеото се гледа и музејот посветен на УЧК кој беше отворен на денешен ден пред три години. Во објавата, вицепремиерот Фетаи се заблагодарува на поранешните војници на УЧК и пишува дека „Слупчане не е само место, туку олтар на слободата, Честит 2 мај, ден на прогласувањето на слободната зона Карадак“.
Но, снимката на која се гледаат знамињата со голема Албанија, за кратко ја повлече Фетаи и ја замени со ново видео од кое беа избришани тие делови.
Денот на прогласувањето на слободната зона кај Слупчане, го честиташе владиниот коалиционен партнер ВРЕДИ, и како што велат, 2 мај е датум кој потсетува на жртвата за еднаквост и правда.
„Секоја година на 2 мај, жителите на Слупчане и пошироко го одбележуваат еден од најважните датуми во поновата историја, денот кога е прогласен за слободна зона по вооружениот конфликт во 2001 година“, велат во своетот соопштение од ВРЕДИ.
Споменикот на УЧК во 2022 година го отвори лидерот на ДУИ Али Ахмети, а настанот предизвика бурни реакции. Тогашниот претседател Пендаровски, рече дека објектот е дивоградба, а дозвола за него не била побарана ниту од министерствата за култура или транспорт. Изградбата на споменикот ја финасирала општината Липково за што исплатила 200 илајди евра.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар