Вардариште повторно гори, партиите се препукуваат
Вардариште и изутрината гореше и го загадуваше Скопје. Жителите на околните населби алармираа дека од старата депонија се шири густ чад.
Аеродромци веќе три дена по ред протестираат барајќи решение за депонијата која со децении ги труе најмногу нив, но и цело Скопје.
И додека скопјани не можат во септември да отворат прозорци и врати за да проветрат, партиите преизборно повторно се караат кој повеќе евиновен за ситуацијата.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека зад пожарите во Вардариште стоела СДСМ.
- Многу индикативно е што пожарот на Вардариште постојано се разгорува и покрај тоа што тој постојано се гаси. Исто така, индикативна е и партиската инволвираност на СДС во таквите протести и позадината на сето тоа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
За опозицијата, и покрај сите предупредувања и предложени решенија, власта молчи и не презема ништо. За СДСМ најголем симбол за неспособноста на власта е токму дивата депонија Вардариште.
- Виновни за оваа катастрофална состојба и загушеното Скопје се Мицкоски и неговите градоначалници. Четири години двајца градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, не ги исполнија ветувањата и не најдоа решение за една дива депонија. Четири години ветувања кои се покажаа како големи лаги, а резултатот е чад и опасност за здравјето за скопјани. Орце Ѓорѓиевски, наместо решенија ги манипулира скопјани, велат од СДСМ.
За барањето за 24-часовно физичко обезбедување, вчера министерот за внатреши работи рече дека по воведувањето на Сејф Сити полицијата ќе може да ги мониторира и спречи кривичните дела од ваков вид. Вчера МВР поднесе кривична пријава за три лица кои вршеле нелегален откуп на отпад, па потоа го палеле во Вардариште.
Депонијата, која се наоѓа на само неколку десетина метри воздушна линија од Ново Лисиче и Аеродром со години ја прави оваа општина една од најзагадените во Европа.
Аеродромци и денеска ќе излезат на протест во 18 часот.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар