Македонија
5. September 2025 - 16:34

Левица објави 5 кандидати за скопските општини

Со 5 имиња за скопските општини, Левица го заокружи вториот круг на објава на градоначалнички кандидатури. 

Од партијата го кандидираат Јане Ацевски за Кисела Вода, Александар Димитриевиќ за Ѓорче Петров и Антонио Димитров за Карпош. Кандидат на партијата за градоначалник на Гази Баба ќе биде Златко Танчевски а Марјан Димитриев ќе се обиде во Аеродром.

Левица претходно го промовираше Амар Мециновиќ за кандидат за Скопје каде ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ веќе ги официјализира Орце Ѓорѓиевски и Каја Шукова.

Во средата ВМРО-ДПМНЕ промовираше 16 нови имиња. Од партијата потврдија дека во Центар и Куманово ќе ги поддржат кандидатите на ЗНАМ. 60-тина имиња досега има објавено и СДСМ. Тие последните 3 имиња ги официјализираа во четвртокот.

Остануваат уште по неколку кандидати пред да биде комплетирана целата понуда на партиите. Тие можат да тактизираат до 13 септември кога истекува рокот за кандидатури. Минатата недела заврши рокот за независните кандидати а и покрај тоа што потписи за кандидирање речи си и да не беа потребни, во трката влегоа само 69 имиња во 39 општини. 

Кампањата за локалните избори почнува на 29 септември. Првиот круг е закажан за 19 октомври, вториот, онаму каде што ќе биде потребно, ќе се одржи на 2 ноември.