Македонија
9. May 2016 - 11:22

Фестивал на хаус и техно музика во Берово

Берово ќе биде домаќин на првиот фестивал на хаус и техно музиката „MAYDAY Festival“ каде ќе настапат познати диџеи од Балканот и од регионот. Како што истакна Марин Демировски организатор на настанот, целта на овој фестивал е да се збогати културната понуда од регионот, да се подигне урбаниот дух и да се доближат светските музички тенденции во регионот.

- Изборот за одржување на фестивалот, на средината од пролетта е направен по никаков начин да не пречи на вообичаениот празничен дух, а притоа да создаде уникатна забавна традиција во регионот. Причината за организирање на овој фестивал е тоа што во последните неколку години се чувствува силна глад кај младите за музички настан од овој ранг. MAYDAY Festival уште од почетокот работи на создавање на сопствен идентитет, за да најде свое место на календарот кај вистинските љубители на хаус и техно музиката. MAYDAY ќе се развива како фестивал во кој се е исклучително добро премислено, истакна Демировски.

Фестивалот има целосен концепт на ликот, сцената, осветлувањето, шоу програмата и звукот, кој што го прави целосниот пакет на овој настан кој ќе се одржи на отворена сцена.

- На првата едиција од MAYDAY фестивалот со свој перформанси ќе настапат Феки Фарс, Борче Панов  и  како главна ѕвезда  ќе настапи Марко Настиќ од Србија. Локална поддршка на настанот се  Сене и Дидо. Граѓаните од регионот, па и пошироко  ќе имаат можност да ги слушнат најдобрите диџеј сетови, а се очекува голем број на посетители, рече Демировски.

Фестивалот ќе се одржи на 14 мај со почеток од 21 часот, а организатор е Фондацијата Бизнис инкубатор од Берово, а средствата се обезбедени преку Програма за поддршка на НВО секторот од Владата на РМ.