СДСМ: Ристовска треба да поднесе оставка, одлуката за Христовски ја поткопува довербата во ДКСК
Оставка од членката на Антикорупциска, Цвета Ристовска побараа и денеска од СДСМ по одлуката дека нема ништо спорно со универзитетската диплома на директорот на АНБ. Според опозицијата, со оваа одлука се поткопува довербата во Комисијата.
Сомнежите за судир на интереси кај членката на ДКСК, Цвета Ристовска, која истовремено била предавач на истиот Универзитет од каде што е спорната диплома на Христовски, како и фактите објавени во медиумите дека дипломата е стекната за само 1 година ја компромитира објективноста и независноста на одлуката.
Од овие причини Цвета Ристовска треба да си поднесе оставка а Државната комисија за спречување корупција да ја повлече и да ја преиспита одлуката за директорот на АНБ.
И поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска во дневникот на Сител синоќа изјави дека Цвета Ристовска, ако има и малку морал, треба веднаш да си поднесе оставка, а предметот да биде отстапен кај друг член на Комисијата. Смета дека и Обвинителството треба да ја преиспита оваа одлука.
И додека се бара оставка од Ристовска, но и Антикорупциска да ја преиспита одлуката, денеска од ДКСК одржаа редовна седница на која го изгласаа годишниот план за работа, во кој фокусот ќе биде борба со корупција во здравството, судството и инспекциски служби.
На предлог на антикорупционерката Ристовска, ДКСК го затвори предметот за Бојан Христовски, дека нема ништо спорно со неговата универзитетска диплома, а ТЕОФЕЛ сертификатот по англиски јазик му бил валиден. Но Ритовска, била ангажирана на Универзитетот за туризам и менаџмент од каде му е и универзитетската диплома на Христовски. Претседателката на ДСКС, Татјана Димитровска застана во одбрана на нејзината колешка и кажа дека немало конфликт на интереси при одлучувањето, бидејќи Ритовска не била член на наставниот кадар на Униврзитетот и не земала пари за предавањата.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар