Бизнис
15. November 2017 - 19:36

Фармерите бараат од владата зелена нафта, за да не поскапат земјоделските производи

Само “зелената нафта” може да го ублажи ударот од поскапениот дизел, велат фармерите. Секој дополнителен трошок и зголемена давачка влијае на производството. Поради ова во иднина треба да се прават детални анализи пред воведување на ваквите  мерки. Од Федерацијата велат дека сеуште немаат конкретни податоци за тоа колкави би биле штетите, но влијанија од зголемената акциза секако ќе има. Очекуваат државата наскоро да го воведе поевтиното гориво за нив.

Од ресорното министерство не прецизираат од кога ќе ги субвенционираат трошоците за горивото за земјоделската механизација. Велат дека сеуште се работи на законските измени.

“Се работи за сложен процес, односно за детални анализи и вметнување на нови членови во Законот. Износот на трошоците за набавка на гориво за земјоделската механизација се разликуваат според типовите на земјоделското стопанство. Со мерката се очекува намалување на производствените трошоци во земјоделството ако се има во предвид дека трошокот за гориво има големо  учество во трошоците на земјоделските стопанства“, соопштуваат од МЗШВ.

Сепак по Нова година нафтата ќе поскапи за 3 и пол денари. Веќе е извесно дека надлежните нема да  стасаат со законското решение и  земјоделците ќе ја плаќаат истата цена како обичните купувачи.