Евробарометар: Малтежаните силно ја поддржуваат македонската и албанската кандидатура за членство во ЕУ
Северна Македонија и Албанија се најпосакуваните кандидати за членство во Европската Унија меѓу граѓаните на Малта, покажува анкетата на Евробарометар, пренесува Малта Тудеј.
Според резултатите, 57 отсто од Малтежаните го поддржуваат влегувањето на Северна Македонија во ЕУ, доколку земјата ги исполни условите за членство, што е исто ниво на поддршка како и за Албанија.
Анкетата покажува дека апсолутно мнозинство Малтежани поддржуваат членство на девет од десетте земји-кандидати, вклучувајќи ги Молдавија (54%), Црна Гора (54%), Србија (53%), Украина (53%), Босна и Херцеговина (51%) и Грузија (51%), под услов да ги исполнат критериумите за пристапување.
За Косово, 47% од Малтежаните се за членство, додека ист процент се противат на кандидатурата на Турција.
Иако Турција останува официјален кандидат за членство во ЕУ, нејзиниот процес на пристапување е замрзнат од 2018 година поради загриженост за демократското назадување, според Советот на ЕУ.
Северна Македонија е најпосакуван кандидат во две земји-членки: Словенија (70%) и Малта (57%), додека Албанија е на прво место во Малта (57%) и Италија (48%).
Поддршката за другите кандидати варира: Србија е најсилно поддржана во Кипар (72%), Грција (71%) и Бугарија (63%), додека Босна и Херцеговина има најголема поддршка во Хрватска (74%) и Словенија (70%).
Малта се издвојува како најоптимистична земја во ЕУ во однос на проширувањето, со 74% позитивни ставови, пред Полска (72%) и Ирска (67%). Спротивно на тоа, најмал оптимизам е забележан во Чешка (41%), Франција (43%) и Грција (44%).
Како најголема придобивка од идното проширување, 47% од Малтежаните го наведуваат создавањето на поголем пазар за европските бизниси. Главните грижи на Малтежаните се неконтролираната миграција (49%), корупцијата, организираниот криминал и тероризмот (42%), како и ерозијата на европските вредности (36%). Само 20% од Малтежаните се загрижени за трошоците на проширувањето за даночните обврзници, за разлика од 37% на ниво на ЕУ.
На ниво на ЕУ, Украина е најпосакуван кандидат за членство, но поддршката за нејзиното пристапување во Малта е помала во споредба со 14 земји-членки, како Шведска (91%), Данска (81%) и Финска (81%). Сепак, Малта покажува поголема поддршка за Украина отколку 12 други земји-членки, вклучувајќи ги Унгарија (30%) и Бугарија (31%), каде поддршката е најниска.
МИА
Ново на Сител
-
Орбан: Европа под водство на Фон дер Лајен оди кон провалија
-
МЗ: Да се почитуваат препораките на ИЈЗ кога постои евентуален ризик од загадување на воздухот и од штетни материи
-
Министерство за здравство: Ја следиме состојбата со пожарот во Трубарево, во координација сме со сите надлежни институции
-
КМФМ се оградува од настанот кој ќе се одржи во Јане Сандански: Шоу настан на кој наши членови нема да земат учество
-
Кикбоксерите со своите светски медалисти повторно на сопствен трошок отпатуваа на Европското јуниорско првенство
-
Пожар во фабрика во Трубарево, го гасат повеќе екипи, пожарникарите интервенирале и во Лисиче
-
Зидан постигна договор со Француската фудбалска федерација
-
Уапсено 40-годишно лице од Куманово, возело со 1,57 промили алкохол во крвта