Свет
13. September 2025 - 20:11

Орбан: Европа под водство на Фон дер Лајен оди кон провалија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска на социјалната мрежа „Икс“  објави порака во која остро ја критикува политиката на Европската Унија во однос на миграцијата, зелената транзиција, Украина и санкциите кон Русија, обвинувајќи ја претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за, како што вели, погрешни и опасни политики.

„Западна Европа, тие имаат различни проблеми од нас, бидејќи ние се бориме да ја спречиме миграцијата во Унгарија. Но, тие веќе ги создадоа проблемите. Тие зборуваат за тоа како да живеат заедно со проблемот. А всушност, не требаше да дојде до ова. Не е нуклеарна физика. Ќе беше доволно да нè послушаа. Не само мене, туку сите нас од Централна Европа, г-дин Бабиш, мене, Полјаците исто така, г-дин Качински, г-дин Моравјецки, сите рековме: Луѓе, ова ќе се случи, не правете го тоа. Мешаното општество има сериозни последици“, истакна Орбан.

Според него, „сега има полухристијанско, полуисламско општество“. – Унифицираниот правен систем ќе се распадне, јавната безбедност ќе биде изгубена, ќе станете мета на терористички напади, а во исто време богатите од светот очекуваат да ги поддржите. Па зошто го правите тоа? Рековме да ги запреме на границата. Но, тие рекоа не. Ги пуштија внатре. И сега се таму“.

„Покрај тоа, нивната иднина е исчезната, бидејќи ова е како паста за заби. Откако ќе ја исцедите од тубата, таа излегува, не можете да ја вратите назад. Како ќе ја вратите? Таа е неповратна. Постојат грешки кои, откако ќе ги направите, не можете да ги поправите. Затоа за Унгарија најважно е секогаш да се спречат другите да ја населуваат нашата земја“, нагласи унгарскиот премиер.

Орбан истакна дека „ова населување се случува преку мигранти, финансирани од Сорос и трговците со луѓе, кои ги доведуваат во Европа на организиран начин од посиромашните делови во светот. Патем, сочувствувам со овие луѓе. Среќни сме што им помагаме, среќни сме што им помагаме таму каде што се, но не сакаме да ги донесеме нивните проблеми тука. Тоа е лекцијата од минатото“.

Во врска со заминувањето на Фон дер Лајен, тој оцени дека не треба да се извлекуваат заклучоци од нејзината популарност, туку од фактите. „Што ѝ треба на Европа? Треба да ја преиспитаме зелената транзиција, бидејќи високите цени на енергијата делумно се предизвикани од зелената транзиција, а тоа е фатално за европската економија. Треба да ја преиспитаме политиката кон Украина, треба да ги преиспитаме санкциите, треба да ја преиспитаме трговската политика, бидејќи склучивме лош договор со Американците и треба да ја преиспитаме миграциската политика. Всушност, треба да го преиспитаме секое важно прашање, бидејќи под водство на Фон дер Лајен, Европската Унија се движи кон провалија“, нагласи Орбан.

Значи, поентата овде не се рејтинзите на популарност, туку погрешните и несоодветни политики. Проблемот не е дали луѓето ја сакаат или не, туку тоа што таа има политика, таа има четири или пет столба, а тие се лоши, треба да се заменат. Но, таа нема да може да ги замени, нема да каже: ‘До вчера мислев погрешно, но од утре поинаку’. Тоа не функционира. И тука не зборуваме за едно прашање, туку за четири или пет. Со вакви лидери, можеме само да завршиме во бездна, додаде тој.

– Ситуацијата е таква што веќе три години, всушност три и пол години, ги трпиме сите неповолни последици од војната, иако немаме никаква врска со неа. Ние немаме никаква одговорност за нејзиното избувнување и никогаш не сме учествувале во неа. Но, тие дами и господа на Запад, како Фон дер Лајен, сакаат да нè вовлечат во оваа војна за уво или за врат. Мора да се спротивставиме. Ние сме Унгарци, и во нашата крв чука историјата, или покрај крвта во нашите вени, пулсира и историјата. И веќе двапати сме биле турнати во војни чии последици беа катастрофални за Унгарија. Целиот 20 век го загубивме во две војни во кои не сакавме да учествуваме. Не сакавме да учествуваме во ниту една од нив, но западните политичари како Фон дер Лајен нè влечеа за глава во тие војни. Ова е неприфатливо, заклучи Орбан во трите објави на Икс. 

 

МИА