Живот
1. November 2015 - 13:37

Еротска верзија на сказната за „Црвенкапа“ дистрибуирана во 283 училишта

Една еротска верзија на познатата сказна за „Црвенкапа“ по грешка била дистрибуирана во 283 училишта во Чиле, предизвикувајќи гневна реакција на наставниците и родителите и шокираност во Министерството за образование.

Книгата која има шест кратки раскази, поврзани со темата за малото девојче со црвена капа, за нејзината баба и за страшниот волк, но обработени со силна еротско-сексуална содржина е објавена во 2012 година, од колумбискиот автор Пилар Квинтано.

Во еден од расказите станува збор за сексуалната врска на учител со неговата малолетна ученичка, а во друг, се опишува силувањето на едно 13 годишно девојче.

Книгата на писателката Квинтано го носи насловот „Црвенкапа“, како и детската книга со истиот наслов на браќата Грим, па се верува дека тука настанала грешката, кога Министерството за образование за училишните потреби и за воспитување и образување на децата, дистрибуирало еротска книга, а не бајка.

Дистрибуцијата била извршена уште минатата година, но дури сега е откриена грешката, откако еден ученик во училиште во градот Рио Буено, на крајниот југ од Чиле, на час почнал да раскажува за приказните од книгата на Квинтано, објаснувајќи дека книгата ја зел од училишната библиотека.

Учителот веднаш подигнал тревога и ги известил властите, а во писмото до чилеанскиот министер за образование напишал дека книгата на Колумбијката Квинтано, предизвикала „непоправлива штета кај децата“.

Владата на Чиле нареди истрага за скандалот и за грешката. Веднаш е почнато повлекувањето на спорната книга, но никој не знае колку од децата ја читале оваа верзија на „Црвенкапа“, како и дали некој од вработените во училиштата открил за грешката, но не ги известил за тоа училишните власти.

Приказната за девојчето кое носело црвена капа, болната баба и волкот, потекнува од Средниот век, во Европа, но во целиот свет е позната верзијата на браќата Вилхелм и Јакоб Грим, прв пат објавена во 1812 година.