Македонија
14. July 2016 - 14:51

ДЗС: Поголема будност и мобилност на сите граѓани и субјекти во заштитата од пожари

Поголема будност и мобилност на сите граѓани и субјекти во заштитата од шумски пожари и други пожари на отворен простор побара денеска преку соопштение Дирекцијата за заштита и спасување, поради зголемувањето на надворешните температури и сушниот период што претстои.
 
Како неопходни мерки за намалување на опасноста од наста­ну­ва­ње на шумски пожари и други пожари на отворен простор, ДЗС посочува  да не се пали оган на отворен простор и на необезбедени места, да не се палат стрништа, меѓи и други површини, да не се фрлаат стаклени шишиња и друга стаклена амбалажа и отпад, да не се врши палење на отпад и друг горлив материјал и да не се фрлаат остатоци од цигари и догорчиња.
 
Од ДЗС апелираат доколку се забележи ваков пожар, веднаш да се извести ТППЕ на бесплатниот телефонскиот број 193, да се следат и почитуваат известувањата и предупредувањата на надлежните служби и државни органи.