Живот
21. October 2019 - 8:39

Ѕидот на плачот – преку 2.000 години место за молитва и покајание

Две страни. Машка и женска. Вака е поделен Ѕидот на плачот во Ерусалим. Но, пред Ѕидот сите се еднакви. Се молат, бараат покајание независно од возраста, полот, потеклото.

Молбите (желбите) ги запишуваат на ливчиња, а ливчињата потоа ги „пикаат“ во процепите меѓу камењата, бакнувајќи го Ѕидот.

Многумина велат, ако сакате да доживеете и да разберете што е стравопочит, дојдете во Ерусалим, на Ѕидот на плачот.

И вистина е така.

Преку 2.000 години Ѕидот му пркоси на времето. Неговите камења сведочат за славното еврејско минато. За војни и мир, за уништување и повторно создавање.

Некои Евреи тука првпат го „чувствуваат“ јудаизмот. Допирајќи го Ѕидот, се поврзуваат со Бог, со својата нација, со наследството и турбулентното минато.

Денес, ова е најпосетеното место во Израел.

За да дојдете до него не е потребна никаква процедура. Само желба. И „влезот“ е бесплатен.

До Ѕидот се пристапува преку пространиот плоштад од каде што потоа секој „го фаќа“ својот правец. Мажите лево, жените десно.

Плоштадот има впечатливи чешми, по неколку во една, заедничка основа. Под секоја чешма се оставени лончиња за освежување на посетителите.

Како што наближувате до Ѕидот (во женскиот дел), од левата страна се забележуваат своевидни шкафови со книги. Отворени се и достапни за секој.

Пред нив бели пластични столчиња, изнаредени како за претстава.

И сè така до Ѕидот. А таму метеж. Преполно.

Жени со и без шамии. Стари и млади. Деца.

Едни гласно ги изговараат молитвите, други ја удираат главата од Ѕидот, трети отворено „комуницираат“ со Бог, правејќи гримаси како да плачат, како да стои некој „голем“ спроти нив.

На женскиот дел од Ѕидот, десно, има скали што водат до мало, тесно одајче за молитви. И таму е преполно со верски книги.

За Евреите, Ѕидот на плачот е местото на кое Бог директно ги добива нивните аманети.

И според исламската религија ова е свето место. Се смета дека Мухамед бил тука за подоцна оттука и да воскресне.

Стоејќи пред Ѕидот на плачот, велат посетителите, мислите и чувствата стануваат јасни, а небитното исчезнува.

Факти за Ѕидот на плачот

Ѕидот на плачот e долг 488 метри, а неговата највисока точка се издигнува околу 40 метри над коридорот на источниот рид на Ерусалим (брдото Морија).

Составен е од 46 реда камен. Дваесет и девет од нив се над земјата и содржат камења од различни временски периоди. Останатите 17 се подземни. Надземниот дел достигнува висина од 19 метри. Сепак, висината на овој дел од основата до врвот се проценува на приближно 32 метра.

До 1967 година и победата во шестдневната израелско-арапска војна, кога Израел ја презема целосната контрола врз Ерусалим, Ѕидот немал плоштад, туку само една тесна улица долга 28 метри и широка 3,6 метри. По војната и повторното обединување на Ерусалим, областа била проширена. Денес плоштадот е долг 57 метри и може да собере 60.000 луѓе.

Мирјана Чакарова/МИА