ДУИ поднесе интерпелација за претседателот на Уставниот суд
ДУИ поднесе интерпелација за претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, поради тоа што смета дека првиот човек на ова тело се однесува навредливо кон албанскиот јазик и Законот за јазици чија уставност ја преиспитува Судот.
Според интегративците, Костадиновски го прекршил Уставот кога јавно коментирал дека Законот за јазици, кој се уште е во употреба, е лош. Сметаат и дека ја манипулирал и Венецијанската комисија бидејки во дописот до неа напишал дека се работи за малцински јазик, а се работело за јазик на немнозинска заедница што според ДУИ не било исто.
Од ДУИ иако знаат дека интерпелацијата не значи разрешување ниту има некаква правна сила за мандатот на Костадиновски, сметаат дека претседателот на Уставен треба да се појави пред пратениците за отчет. Тврдат дека инцијативата не била политички мотивирана за да влијаат врз одлуката на Судот за Законот за јазици.
Власта засега без коментар за ваквата интерпелација на ДУИ, но тие и претходно сметаа дека интегративците бараат начин да влијаат врз работата на Судот.
Од Уставен пак, тврдат дека ваква собраниска инцијатива за уставен судија не е возможна бидејќи уставен судија не може да биде разрешен од страна на Парламентот или Владата. Според, нив Уставниот суд не подлежи на начелото на поделба на власта.
„Уставот на Република Северна Македонија не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт. Институтот „интерпелација” предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии. Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата т.н.уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд“, коментираат од Судот.
Од таму ги повикуваат сите останати државни органи да го почитуваат Уставот и да се придржуваат кон уставно утврдените надлежности.
Уставниот суд лани отвори постапка за утврдување на уставноста на одредени одредби од Законот за употреба на јазиците. Постапка времено е одложена бидејќи се чекаат одговори од Венецијанската комисија. ДУИ веднаш по покренувањето на постапката протестираше и се закануваше со радикализација, а судиите Албанци не сакаа да учествуваат на подготвителната сесија.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар