Бизнис
23. February 2017 - 19:47

Државата ќе доделува до 24.000 евра на лицата со инвалидност за да започнат сопствен бизнис

Лицата со попреченост може да аплицираат за грантови за отварање сопствен бизнис чии износи може да достигнат 24 илјади евра.

Огласот распишан денес предвидува поддршка по неколку основи за реализирање на бизнис план, самовработување и вработување на уште двајца кои може, но и не мора да бидат од категоријата на лица со попреченост.

Основниот грант е 270 000 денари во опрема и репроматеријали. Уште 100 000 денари се предвидуваат за адаптација на работното место според потребите на лицето со попреченост и бизнис планот. 92 000 денари се нудат за вработување на уште две лица во компанијата која две години ќе добива експерската помош во вредност од 36 илјади денари.

По 9 месеци работа компанијата може да аплицира за помош во износ од 20 просечни плати ако е оснивана од лице со полесна попреченост или 40 просечни плати ако е оснивана од лице со потешка попреченост.

Од Агенцијата за вработување потенцираа дека за мерката се предвидени почетни средства, но тие зависно од интересот може да се зголемат.

Во претходните два циклуса преку овој проект се отвориле 115 компании во кои се вработиле околу 150 лица. Според Владата тоа говори за успешноста на проектот и треба да биде охрабрување за сите оние кои размислуваат да почнат свој бизнис да ја искорстат оваа мерка.