Македонија
3. December 2015 - 14:15

Државата дава под закуп 7.590 хектари земјоделско земјиште

Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска распишаа три јавни огласи за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над три хектари по пат на електронско јавно наддавање. Понудена е вкупна површина од 7.590 хектари во Валандово, Гевгелија, Кавадарци, Куманово, Велес, Прилеп, Струмица и Свети Николе, а право на учество имаат домашни физички и правни лица, како и странски правни лица.

Физичките лица, треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност, а странските правни лица, имаат право да учествуваат на јавен оглас доколку имаат регистрирано подружници во Република Македонија.

На домашните и странските правни лица или нивните подружници земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи треба да им е претежна дејност или земјоделското земјиште да им е потребно за вршење на научно - истражувачки дејности.

- Право на учество на јавниот оглас немаат лицата кои ги немаат намирено обврските по основ на закупнина по претходно склучени договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост и даночни обврски и придонеси по основ на персонален данок на доход, данок на додадена вредност, данок на добивка, придонеси од задолжително социјално осигурување, како и правни лица за кои е отворена стечајна постапка, како и непрофитните организации, соопшти МЗШВ.

Оттаму прецизираат дека големината на површината на земјоделското земјиште во државна сопственост за која може да се поднесе пријава и која може да се даде под закуп на еден учесник, се утврдува врз основа на минимално материјално-техничката опременост на понудувачот и бројот на планирани вработени, односно вработени според бизнис планот

Сите понудувачи на огласот, заедно со понудата треба да достават банкарска гаранција која мора да биде безусловна, неотповиклива и наплатлива на првиот повик со важност од 120 дена сметано од последниот ден за поднесување пријави за учество на јавниот оглас. Банкарската гаранција за учество треба да е во висината на понудената деветмесечна закупнина за географската целина, но не пониска од почетната цена утврдена во јавниот оглас и треба да биде издадена од банка со седиште во Република Македонија.

- Изборот на најповолен понудувач во постапката по јавен оглас за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост над 3 хектари, се врши врз основа на највисоко понудена годишна закупнина по хектар за географска целина постигната по пат на електронско јавно наддавање. Постапката за давање на земјоделското земјиште може да се спроведе, иако во неа земал учество и само еден понудувач и наддаде над почетната цена. Почетниот износ на јавното наддавање е во висина на почетната цена утврдена согласно член 23 од Законот за земјоделското земјиште. Почетната цена по хектар се утврдува во зависност од катастарската класа и местоположбата на земјиштето, прецизираат МЗШВ.

По правосилноста на решението во рок од 30 дена министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство со избраниот најповолен понудувач склучува договор за закуп на земјоделско земјиште, кој во рок од 15 дена од денот на склучувањето на договорот е должен да достави банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на обврските од договорот која треба да биде безусловна, неотповиклива и наплатлива на прв повик во износ од деветмесечната закупнина или најмалку 5 отсто од планираните инвестиции со важност од најмалку три години.

Образецот за учество на јавниот оглас (понуда), може да се подигне во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во подрачните единици на Министерството и од веб страната на Министерството. Мора да се пополни со сите потребни податоци и да се достави со потребната документација во затворен коверт, во спротивно понудата нема да биде разгледувана.

Понудата и другата потребна документација се доставуваат во затворен коверт во рок од 45 дена од денот на објавувањето на јавниот оглас во „Службен весник на Република Македонија“.

За подетални информации заинтересираните може да се информираат на веб страната на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, www.mzsv.gov.mk, како и на огласната табла во подрачните единици каде што се наоѓа понуденото земјоделско земјиште.

Nа Јавниот оглас бр. 06/15, се дава во закуп земјоделско земјиште во државна сопственост со вкупна површина од 880ха 63ар 88м2 и тоа за следните региони; Валандово, Гевгелија, Кавадарци, Куманово, Велес, Прилеп, Струмица и Свети Николе. Намената на земјиштето е за:

- подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години;
- подигање на долгогодишни насади со лешник за период од 70 години;
- одгледување на други земјоделски култури (ароматични и лековите билки) за период од 15 години.

Во Јавниот оглас бр. 07/15 понудено е земјиште со вкупна површина од 3.301ха 99ар 91м2 и тоа за 21 регион (Берово, Битола, Велес, Виница, Гази Баба, Гевгелија, Дебар, Делчево, Кавадарци, Кисела Вода, Кочани, Куманово, Неготино, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Струга, Струмица, Тетово и во Штип). Земјоделското земјиште во државна сопственост кое се дава во закуп со овој јавен оглас е за:
- подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години;
- подигање на маслинарници за период до 50 години;
- подигање на насади со лешник за период од 70 години;
- одгледување на други земјоделски култури за период до 15 години;
- одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска височина над 700 метри, за период до 30 години;
- ливади за период до 15 години;
- рибници до 20 години и
- спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години.

Во третиот Јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште за површини над 3 хектари по пат на електронско јавно наддавање (бр. 08/15), понудена е вкупна површина од 3.407ха 19ар 06м2 . Земјиштето е во 6 географски целини (3 во Свети Николе и по една во Струга, Ресен и во Струмица), а намената е за:
- подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години;
- подигање на маслинарници за период до 50 години;
- подигање на долгогодишни насади со лешник за период од 70 години;
- одгледување на други земјоделски култури за период до 15 години;
- за одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска височина над 700 метри, за период до 30 години;
- ливади за период до 15 години;
- рибници до 20 години и
- спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години.  

Ново на Сител