Македонија
26. December 2024 - 19:41

Маркетите ги вратија старите цени на производите кои ги покачија, а не се дел од Новогодишната кошница

Паднаа цените на производите кои не се дел од Новогодишната кошница, а чии цени драстично беа качени од трговците во изминатата недела. Самите маркети објавија нови флаери на кои промовираат пониски цени на зејтинот, јајцата, шеќерот.

Ова доаѓа по заканите од Владата за робусна акција против триковите со кои се служеле поголемите маркети. 

Но граѓаните не се убедени. Велат ниту цените се намалени, ниту има фајде од Новогодишната кошница.

Во меѓувреме, Државниот пазарен инспекторат врши проверки и кај трговците и кај добавувачите за да утврди како се движеле цените токму на овие производи во последните неколку месеци. Инспекторите сакаат да утврдат дали тие се вештачки подигнати како одговор на Новогодишната кошница во која се опфатени повеќе од 1.000 производи. 

Оттаму велат дека се задоволни од овој одговор на маркетите. Само денеска во Новогодишната кошница биле вметнати околу 50 нови производи.

Според официјалните податоци, во кошницата во овој момент има 1.123 производи, во 51 маркет, а пријавени се производи од вкупно 96 производители и дистрибутери. 

Маркетите и дистрибутерите вчера добија ултиматум, или да ги намалат цените, или ќе добијат ограничување на цените, и тоа на 10% пониска од таа што ја имале на 15 јули. Новогодишната кошница не е законски обврзувачка. Трговците и дистрибутерите самите доставија листа на производи чии цени можа т да ги намалат. Затоа и листата е отворено и бројот на производи секојдневно се зголемува.